Мицкоски: Ни треба претседателка што ќе се бори за нашиот влез во ЕУ и ќе ги брани нашите интереси

Имаме направено многу повеќе од другите народи во Европа за таа Европа, променивме многу работи болни за нас во минатото, неколку пати го менувавме Уставот, ни ги променија и банкнотите, националното знаме, името, и сето тоа беше со цел да влеземе и се интегрираме во НАТО Алијансата и ЕУ.

Ова го истакна претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски на денешната Конвенција за избор на кандидат на ВМРО-ДПМНЕ за претседател на државата, на која официјално беше потврдена  кандидатурата на Гордана Силјановска-Давкова за претседател на државата на претстојните Претседателски избори. 

Мицкоски истакна дека на земјава и треба претседател што ќе биде разумот за решавање на овие прашања, но, како што рече, во исто време ќе биде браникот на националните интереси. 

– Нас ни треба претседателка што ќе се бори за нашиот влез во Европската Унија, но притоа ќе ги брани нашите интереси како граѓани, ќе го брани македонскиот идентитет, специфичност и постоењето на македонскиот народ како една целина, рече Мицкоски.

Посочи дека претстојните избори не се во насока на одлучување дали земјава ќе влезе во Европската унија или не, туку, како што рече, ова се избори каде ќе се одлучува за Македонија да биде држава со закони кои важат за сите со немање граѓани од прв и втор ред.

– Да не се лажеме дека ова се избори за тоа дали ќе влеземе или нема да влеземе во Европската унија. Тоа е една голема шарена лага. Ова се избори за Македонија. Каде изборот треба да биде Македонија средена, со закони кои важат за сите, со немање граѓани од прв и втор ред. И јас верувам дека граѓаните го знаат и ќе го направат вистинскиот избор, за себе, за своите семејства, за своите деца, рече Мицкоски.

Вели неговата визија за претседателот е да биде претседател на народот, а не како што рече, застапник на интересите на елити кои за сметка на колективниот интерес водат лични агенди. 

– Претседателот на државата му припаѓа на народот и одговара единствено пред него, го штити Уставот како акт кој произлегува од волјата на суверенот- граѓаните на Република Македонија. Претседател за народот, а не слуга на кликите, истакна Мицкоски.

Тој се повика на традициите на илинденците и народно ослободителната борба и како што рече, претседателот е должен безусловно и со голема посветеност и капацитет да го продолжи истото дело.

– Да градиме држава која ќе ги почитува своите темели и ги надоградува со верба и посветеност кон идеалите кои беа обврска и за сите наши претходни претседатели. Во историските крстосници и бури на овој народ, посветеноста кон државата, долгот и почитта кон сопствениот народ треба да бидат најсилната врска на која треба претседателот да се потпира во секоја своја одлука. Претседател верен на традициите, на битките за слобода, на делата на великаните врз кои почива македонската држава, рече Мицкоски.