Хрватската амбасадорка Нивес Тигањ на денешната средба со министерот за внатрешни работи Панче Тошковски и дополнителниот заменик-министер Митко Бојмацалиев изјави дека Хрватска има разбирање за проблемот со патните исправи на македонските државјани.
Таа посочи дека македонските државјани имаат непречено движење на хрватската територија и со старите обрасци на патни исправи доколку истите имаат рок на важност, за што министерот Тошковски изрази огромна благодарност, информираат од МВР.
Тошковски и се заблагодарил за досегашната соработка и изразил уверување дека истата ќе продолжи да се развива и во иднина со несмален интензитет.
– Од страна на Бојмацалиев, беше изразена благодарност за досегашната соработка и уште еднаш беше потенцирана заложбата за спроведување на слободни, фер и демократски избори, соопштуваат од МВР.
Амбасадорката Тигањ ја потенцираше долгогодишната соработка и ја претстави Република Хрватска како наш најголем поддржувач во евроинтегративните процеси.