ДЕЛ ОД ЖИВОТОТ НА АТАНАС БЛИЗНАЈОВ ВО МОНОГРАФИИТЕ НА СЛАВЕ КАТИН
По повод прославата на десетгодишницата од формирањето на Фондацијата „Атанас Близнакоф“, основачот и донаторот Атанас Близнаков, меѓу другото, рече:
Нашиот народ со векови се борел за слободата и правдата своја; многу од тие Македонци го дадоа и својот живот за слободата и честа на својот народ. Затоа и ние драги браќа и сестри треба да мислиме и да работиме за подобар прогрес и напредок во Република Македонија. Само така ние ќе го кажеме нашето достоинство, само така ние ќе исполниме заветите на постарите поколенија. Само така нија ќе поддржуваме стремежите и идеалите на нашите дедовци и татковци, на нашите братја и сестри, кои заедно со нашите братја, југословенските народи ја пролеаја својата крв, го дадоја својот живот за слободата и честа на сите југословенски народи и народности.
Јас апелирам кон Југобанка таму дека ќе се држат и чуваат средствата на Фондацијата, апелирам кон Универзитетот „Св. Кирил и Методиј”, таму каде се распоредуваат стипендиите на студентите, а највеќе апелирам кон Република Македонија да ја пази таа хумана Фондација вечно да продолжува да им помага, да им дава наука и просвета на младите девојки и момчиња, дека во иднина повеќе од 250 редовни студенти ќе се стипендираат и през таја Фондација ќе можат да добијат наука и просвета со која наука и просвета тие ќе бидат корисни како за себе си така и за целиот наш македонски народ.”
По повод 10-годишнината од фондацијата ,,Атанас Близнакоф, ТАНЈУГ го пренесе следниот текст на македонски за емисиите за странство:
Скопје, 8 февруари (Танјуг). Годинава се навршуваат 10 години од востановувањето на фондацијата „Атанас Близнакоф” на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј” во Скопје. Имено, со ова видниот Македонец Атанас Близнаков, роден во револуционерното село Д’мбени, Костурско, кој 57 години живееше и работеше во Соединетите Американски Држави, а од 1976 година засекогаш се врати во Македонија и стана граѓанин на Скопје, на Универзитетот во Скопје со свој тестамент ги подари паричните заштеди во вид на фондација.
Во текот на изминатата деценија 35 млади луѓе од СР Македонија завршиле високо образование, добивајќи стипендии од Фондацијата на овој хуман човек. Во моментов корисници на стипендии се 18 студенти кои студираат на различни факултети на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј” во Скопје.
Името и делото на Атанас Близнаков добро им е познато на македонските иселеници и на пошироката македонска јавност. ѝ припаѓа на напредната генерација од првите иселеници на американскиот континент кој, далеку од својата родна земја, целиот свој живот ѝ го посвети на сободата и на напредокот на македонскиот народ. Најголемиот дел од животот во САД, Близнаков го има поминато во градот Гери, во државата Индијана, во тамошната Железарница сé до пензионирањето.
Деловната активност на Атанас Близнаков во САД се состоеше во купување недвижнини и акции. Кризата од 1929 година однесе сé што создал и Близнаков мораше да почне наново.
Во 1935 година Близнаков го посетува својот роден крај и извесно време престојува и во Д’мбени, каде што ја сретнува својата животна сопатничка Славка, која во изминатите 52 години постојано беше со него, го храбреше, живееше за неговите идеи и заеднички копнееја по Македонија. Заедно се вратија во САД, оставајќи го засекогаш родниот дом во Д’мбени.
Близнаков е и еден од основачите на друштвото „Александар Македонски” што активно се залагаше за формирање македонска црковна општина во Гери. Заедно со сопругата летото 1958 година првпат дојдоа да ја видат слободна Македонија збратимена во Југословенската федерација.
По 10 години, во 1968-та повторно дојде во Македонија, за во 1976 конечно да се врати за да го продолжи животот во својата татковина, меѓу својот народ. Во светот го одведе барањето за подобар живот, носејќи го со себе единственото дека е Македонец, дека ќе остане тоа на кој и да е дел од земјината топка и дека еден ден ќе се врати во својата Македонија.
На 18 декември 1991 година, пак Универзитетот ,,Св. Кирил и Методиј” организираше средба со Атанас Близнаков, првиот сонародник кој својата печалба остварена во Америка ја стави во функција на создавање материјални услови за стипендирање на студенти.
Ректорот на Универзитетот д-р Драги Данев, говорејќи за хуманоста на Близнаков потсети дека тој во 1977 година ја формираше Фондацијата за стипендирање студенти „Атанас Близнакоф”. До денес преку оваа Фондација се стипендирани повеќе од 100 студенти, а само годинава е распишан конкурс за доделување на нови 32 стипендии. Во оваа пригода тој, меѓу другото, рече
Минатото уште повеќе го отсликува хуманиот лик на Атанас Близнаков. Тој бил активен член на Македонско-американскиот народен сојуз кој водел борба против реакционерскиот режим на Балканот, материјално и морално ја помагал борбата на македонскиот народ во време на Втората светска војна, а во слободна Македонија ја помагал изградбата на Интерната клиника на Медицинскиот факултет во Скопје.
Деведесет студенти на Универзитетот ,,Св. Кирил и Методиј”, чии родители не биле во финансиска состојба да го плаќаат школувањето на своите деца, дипломите ги стекнаа благодарените на Фондацијата „Атанас Близнакоф”. Уште петнаесетина стипендисти се пред дипломирање, а 45 се редовни студенти на некои од факултетите на Скопскиот универзитет.
Но, без оглед дали веќе се здобиле со факултетска диплома или тоа наскоро ќе им се слсучи, тие најдобро знаат што конкретно значи хуманиот гест на донаторот Атанас Близнако, кој сиот свој капитал, стекнат во изминативе 91 година од својот живот им го подари на талентираните студенти од Републиката.
Досега стипендиите на овој донатор, кои изнесуваат 20 американски долари (во денарска противвредност) ги користеле и ги користат 150 талентирани студенти од Републиката. Доколку се суди, пак, според износите кои Атанас Близнаков со тестамент и завештанието ги пренесе на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј”, тие се големи дури и за американски прилики – над 600.000 долари орочени во Југобанка и повеќе од 1.500.000 долари кои во акции и во готовина се во Америка.
Хуманоста на овој навистина редок човек, ќе ја чувствуваат уште илјадници стипендисти во наредните децении. По желба на г-дин Близнаков, по неговата смрт, средствата во вид на акции вложени во Националната банка – Гери, Индијана, ќе се продадат и ќе се пренесат на трајно користење на Фондацијата „Атанас Близнакоф” при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј”.
Заблагодарувајќи се на честитките за неговиот роденден, Атанас Близнаков, покрај кратката ретроспектива на својот животен пат укажа и на потребата од максимална концентрација за надминување на политичката и економската криза во Републиката.
По повод 90-от роденден на Атанас Близнаков, претседателот на Република Македонија г. Киро Глигоров го прими овој Македонец од Гери, Индијана, Соединетите Американски Држави, кој ја основа Фондацијата „Атанас Близнакоф” при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј” во Скопје за помагање студенти кои покажуваат особени резултати во студирањето, преку доделување стипендии.
На приемот, на кој присуствуваа и ректорот и проректорите на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј”, претседателот Глигоров беше запознат со досегашната работа на Фондацијата која овозможила да дипломираат над 200 надарени студенти чии родители не биле во состојба да им овозможат материјални услови за студирање.
Исто така, претседателот Глигоров беше информиран за одлуката на донаторот Атанас Близнаков на Фондацијата да пренесе дел од својот имот на девизни штедни книшки во Републиката, како и целокупниот имот во акции и во готовина во Соединетите Американски Држави, кој изнесува повеќе од еден милион и петстотини илјади американски долари.
Претседателот Глигоров срдечно поздравувајќи го донаторот Атанас Близнаков подвлече дека неговата Фондација за стипендирање студенти во Македонија претставува голем патриотски гест и дело со кое можат да се гордеат сите Македонци во Републиката и оние што живеат на другите континенти и во Европа.
Токму поради неговите особени заслуги и севкупниот придонес на полето на јавната дејност со која се придонесува за општиот напредок на Републиката, Атанас Близнаков е добитник на повеќе признанија на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј”, како и на Орденот на Републиката со златен венец и на највисоката Републичка награда ,,11 Октомври”, беше речено во кабинетот на претседателот Глигоров.
Продолжува :
Пишува: СЛАВЕ КАТИН