Претседателот на Србија, Александар Вучиќ изјави вечерва дека од „понеделник ќе започне консултации со оние кои сакаат да разговараат и го почитуваат Уставот и законите на Србија“, по што ќе одреди мандатар на новата Влада, јави дописникот на МИА од Белград.
-Влеговме во важни процеси, одлучувачки за формирање на нова влада и собрание, изјави Вучиќ на РТС и посочи дека се надева оти процедурата ќе заврши релативно брзо.
-Сега откако се верификувани мандатите во Народното собрание, убеден сум дека таа работа можеме да ја сработиме релативно брзо и целосно ефикасно, рече Вучиќ.
За формирањето власт во собранието на град Белград Вучиќ кажа дека доколку СНС и СПС немаат легитимно мнозинство, ќе се одржат нови белградски избори.
-Легалното мнозинство е она во согласност со законот и ние го имаме тоа мнозинство – ми кажаа 56, 57 советници (од 110), и повтори дека ако не се усогласат со листата на Бранимир Несторовиќ „Ние – гласот на народот“, тоа ќе значи нови избори.
„На 1 март ќе знаеме дали ќе има избори во Белград“, нагласи претседателот на Србија, и истакна дека се надева оти Несторовиќ „ќе покаже одговорност бидејќи градот и државата мора да бидат поважни од одредени интереси“.
Коментирајќи ги барањата за меѓународна истрага за изборите одржани на 17 декември, Вучиќ рече дека Србија е независна и суверена земја и има свои надлежни органи.
-Нема да ги уништиме слободарските основи на оваа земја, имаме доволно органи кои можат да спроведуваат истраги, но немавме сериозни барања за истрага, имавме само политичко посредување за да оправдаме политички пораз, кажа претседателот на Србија.
Вучиќ ги коментираше критиките на Европскиот парламент.
-Беше важно да се прелее вреќата со лаги поради геополитички интереси. Тоа се независно Косово, Србија да се согласи на тоа. Под два – санкции против Руската Федерација, а под три, уште полесно остварување на други интереси, политички, економски и коруптивни, рече Вучиќ.