Возачките со старото име ќе важат до крајот на годината, донесени итни законски измени

На полноќ истече рокот од одредбата од Договорот од Преспа за валидноста на исправите и документите за меѓународна употреба, но Собранието со итни законски измени овозможи  возачките со „Република Македонија“ ќе може да се заменат до крајот на годинава.

Собранието вчера попладне со 90 гласа „за“, ниту еден против и воздржан, во рамки на 144. седница, по скратена постапка го донесе Законот за измени на Законот за безбедност на сообраќајот на патиштата според кој, возачките дозволи со „Република Македонија“ ќе важат до крајот на годината.

Законските измени се на предлог на пратениците Никола Мицевски, Мартин Костовски, Вјолца Адеми, Аднан Незири, Димитар Апасиев и Павле Трајанов.

Како што истакна истакна координаторот на ВМРО-ДПМНЕ, Мицевски, образложувајќи ги предложените измени, преку меѓусебен консензус, сите координатори на партиите дошле до заедничко решение, на оваа седница да предложат измени на Законот за безбедност на сообраќајот на патиштата, по скратена постапка.

– Се работи за мали измени, односно одредбата во која стои 12 февруари 2024 (денес), се менуваа со 31 декември 2024 или до крајот на годината. Сметаме дека ова законско решение ќе овозможи намалување на долгите редици чекања, нагласи Мицевски.

Претседателот Стево Пендаровски, веднаш потоа го потпиша указот за измените на Законот за безбедност на сообраќајот на патиштата со кои се пролонгира важењето на возачките дозволи со старото уставно име. Пендаровски, како што соопшти неговиот Кабинет, ја поздравува одлуката на пратениците кои денеска ги ставија интересите на граѓаните над дневната политика и донесоа решение за возачките дозволи.

Премиерот Димитар Ковачевски изјави дека упатил барање до институциите, кои биле вклучени во донесувањето позитивни мислења за доделување државјанство на Украинецот Олександр Онишченко да под

На полноќ истече преодниот период од пет години, односно одредбата од Договорот од Преспа, со која ќе престанат да важат патните исправи и документи за меѓународна употреба, што го содржат старото име на државата. Шефот на дипломатијата Бујар Османи во петокот на брифинг за медиуми кажа дека граѓаните кои што се затекнати во странство по 12 февруари, а се со стари патни исправи, ќе можат да се вратат во државава со патен лист, кој се издава во дипломатско-конзуларните претставништва.

Според министерот за внатрешни работи Панче Тошковски, со новото име се издадени некаде околу 525 илјади возачки дозволи, додека со старото име во важност се 272.000 возачки дозволи. Тоа се важечки возачки дозволи кои не се обновени со новото име и сега со законските измени за безбедност во сообраќајот тие ќе важат до 31.12.2024 година.

Во моментов, според Тошковски, има околу 30 илјади македонски и околу 60 илјади албански обрасци за возачки дозволи. До март се очекува да пристигнат уште 160 илјади.

–    Возачките дозволи и лични карти се печатат на иста машина. Бројот што е потребно да се задоволи врз основа на тоа што е досега издадено, во целост ќе го завршиме со крајот на годината. Граѓаните да знаат дека рокот што е даден е реален за да биде во целост заврешно, изјави Тошковски, вчера во интервју на телевизија Телма.  

Во однос на налепниците за регистарските таблички, Тошковски, рече дека околу 350.000 налепници кои се дистрибуирани до станиците за технички преглед.

Според Тошковски, временскиот период од десет до единаесет месеци е реален за да се направи целата замена на возачки дозволи и лични карти, но ги повика граѓаните да не чекаат, туку да продолжи континуитетот.  

Во однос на патните исправи, според Тошковски претпоставката е дека некаде околу 650 илјади граѓани имаат важечки пасош со името „Република Македонија“.

–  Таа бројка на луѓе, јас не можам да кажам дали се надвор или во Македонија. Во секој случај, тие што се тука ќе бидат притворени, само не во домашен притвор или во затвор, туку на територија од 26 илјади км квадратни и ќе им биде, гарантирам согласно мојата емпирија со Стразбур, повредено човеково право, изјави Тошковски во интервју за телевизија „Сител“.

Моментално, според Тошковски, има уште околу пет илјади македонски и околу десет илјади албански обрасци. Најави дека до крајот на месецот треба да пристигнат околу 250 илјади обрасци.

Договорот од Преспа стапи во сила на 12 февруари 2019 година со што важноста на пасошите со старото име истекува пет години подоцна, односно на 12 февруари годинава.

Договорот од Преспа беше потпишан на 17 јуни 2018 година, а уставните измени за промена на името во Северна Македонија во Собранието беа изгласани на 11 јануари 2019 година. По излегувањето на измените во Службен весник во февруари 2019 година почнаа да течат петгодишните рокови согласно Договорот.