Мицкоски: Утре ќе имаме конститутивна седница на Републичкиот изборен штаб

Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски изјави дека во моментов постои оглас за избор на кандидат за претседател на државата на кој може да се пријави секој заинтересиран до 21 февруари и да биде дел од конвенцијата доколку ги исполнува условите. Тој најави дека утре ќе имаат конститутивна седница на Републичкиот изборен штаб, со што и официјално ќе ја почнат кампањата.

-Конвенцијата за избор на кандидат претседател е на 2 март. Во моментов имаме оглас. Сите оние кои ќе ги исполнат условите согласно огласот, до 21 февруари може да се пријават. Подготовките течат, изјави денеска Мицкоски по увидот на градежни активности на изградба на кејот на реката Серава во Скопје.

Тој за утре најави и официјално почнување на кампањата. Посочи дека очекува повеќе кандидати и од другите политички партии, вклучително и од албанските политички партии.

-Ние како политичка партија независно од огласот мериме имиња. Можам да кажам дека се не повеќе од три во моментот, но огласот е отворен и тоа е независен процес од анализата која што ја прави партијата. Секој оној кој ќе ги исполни условите ќе биде дел од конвенцијата за избор на претседател, односно претседателски кандидат кој што ВМРО-ДПМНЕ ќе го поддржи, а со самото тоа и претседател на Македонија, додаде Мицкоски.

На новинарско прашање дали се водат разговори за предизборно коалицирање, тој рече дека течат разговори со многу политички партии, но најпрвин треба да ги завршат разговорите со политичките партии кои до сега беа во коалиција со ВМРО-ДПМНЕ.

Прашан за коментар во врска со случувањата во Алијанса за Албанците, Мицкоски одговори дека не сака да се мешаат во внатрепартиски случувања на други политички партии.

-Ние не се мешаме. Седиме на страна, затоа што непримерно е тоа што го прават СДСМ и ДУИ. Директно се вклучени во случувањата во Алијанса за Албанците. Навистина сум шокиран од таквото однесување, но тоа е нивна работа. Како што не сакаме никој да се меша во внатрешните работи на ВМРО-ДПМНЕ, така и ние не сакаме да се мешаме во внатрешните работи на политичките партии, рече Мицкоски.