Османи: Граѓаните затекнати во странство по 12 февруари со стари патни исправи, ќе можат да се вратат со патен лист (ДПЛ)

Граѓаните кои што се затекнати во странство по 12 февруари, а се со стари патни исправи, ќе можат да се вратат во државава со патен лист, кој се издава во дипломатско-конзуларните претставништва, информира на денешниот брифинг со новинарите шефот на дипломатијата Бујар Османи.

За три дена на полноќ, односно на 12 февруари, истекува транзициониот рок од Преспанскиот договор, член 6 и од нашите закони по однос на валидноста на исправите и документите што имаат меѓународна употреба. 

Османи кажа дека нема простор за паника кај граѓаните, ДКП-ата ќе работат во две смени и сабота и недела, додавајќи дека најголем наплив за барања на патни листови има во Германија.

-Тоа што забележувам е дека има одредена паника кај граѓаните во дијаспората дека после 12 февруари ќе ги изгубат работните места, ќе можат да ги загубат дозволите за престој. Поради тоа во трите наши дипломатско-конзуларно претставништва во Берлин, Бон и во Минхен, во Швајцарија, Италија има наплив од граѓани. Сакам да пратам порака дека нема простор за паника затоа што МНР се организираше да им излезе во пресрет каде и да се. За тие што ќе се затекнат со пасоши кои по сила на закон ќе бидат инвалидирани, ќе може да се вратат со патни листови, појасни Османи.

Додаде дека во Германија и Италија однесени се и две нови мобилни станици за издавање патни исправи, а најголем е напливот во Бон, каде се издадени над 6000 патни листови, а потоа во Берн, Берлин, Минхен, Венеција, Рим и Љубљана.

-Во градовите каде што немаме ДКП-а, а имаме голем број на луѓе од нашата дијаспора, планираме календар на конзуларни денови од 12 февруари каде што ќе можат директно да дојдат и да аплицираат за пасоши, рече Османи, потенцирајќи дека во државите каде што немаме ДКП-а, односно во Африка каде што има само во Каиро, се работи на е-конзулат и патните листови ќе бидат праќани по пошта.

За граѓаните коишто ќе се најдат на бродови по 12 февруари, кажа Османи, ќе можат да го користат овој начин на барање патни листови онлајн и ќе бидат во комуникација со нашите ДКП-а и ќе се договорат каде ќе можат најлесно да го добијат патниот лист.

Прашан доколку некој граѓанин не обезбедил патен лист, а дошол на граница, вели дека не сака да дава гаранции.

-Не сакам да давам гаранции, бидејќи тогаш граѓаните можат да кажат „аха значи може, дајте, нема да извадам патен лист“. Ние да се однесуваме како да немаме алтернативен начин. Јас работам паралелно за такви случаи кога граѓаните не можат да стигнат ни до патен лист да можат со тој стар пасош да се вратат и тука јас се надевам дека ќе имаме разбирање, но не сакам да се засноваме на тоа. Ние имаме политичка волја да ги почитуваме роковите, да се реорганизираме и правиме максимални напори да се реорганизираме, но паралелно си работиме на еден бекап план за такви случаи од хуманитарен карактер, кога граѓаните кои не можат да стигнат до патен лист, да можат да дојдат, кажа Османи.

На новинарско прашање како се дозволи да се дојде до сето ова, и дали некој ќе понесе одговорност за ваквата ситуација, со оглед дека Османи и Спасовски беа најконстантните министри во владата, тој вели дека негова надлежност е граѓаните кои се надвор да бидат услужени од страна на МНР.

-Јас не сум надлежен за тоа и навистина не можам да навлезам бидејќи би шпекулирал. Јас сум ги прашал, го знам и одговорот. Но, мислам дека не сум компетентен и надлежен да го одговорам тоа. Моја надлежност е граѓаните коишто се надвор да бидат услужени и МНР е целосно реорганизирано. Ќе излеземе во пресрет да продолжат според капацитетите што ги имаат ДКП-ата да бараат термини да ги менуваат, но никој нема да биде оставен, заглавен заради овие рокови, рече Османи.

Во однос на евентуално понесување одговорност, вели дека сега треба да се концентрираме да им се излезе на граѓаните во пресрет, па потоа да се прават анализи. 

-Сепак, тие прашања се во МВР. Јас не сум тука да ги оценувам работите, туку да ги решам проблемите со кои се соочуваат граѓаните коишто имаат барања, кои зависат од моето Министерство. И мислам дека е покоректно за тоа да зборуваме, кажа Османи.

Во однос на тоа дека личните карти ќе останат важечки во државава и по рокот од 12 февруари, а со нив може да се патува во државите во соседството, Османи вели дека државите имаат добиено известување дека пасошите се невалидни по 12 февруари, додека личните карти ќе останат валидни по тој рок, и останува на државите како ќе се однесуваат по ова прашање.

За можноста која тој претходно ја најави за рефундирање на парите за лични документи, вели дека за тоа ќе информира техничкиот премиер Талат Џафери во вторник, додека работна група веќе работи по негова насока и за сите решенија што ќе се донесат ќе информира премиерот. 

Османи додаде дека Преспанскиот договор земјава речиси го исполнила во целост освен одредени институции каде одлуките не се носат од Владата како што се федерации, МАНУ…

-Грција во суштинскиот дел ги исполни обврските, но и тие имаат поради исти причини поради одлуки на институции кои не се директно под Владата, не се ратификувани три договори, како и сообраќајните знаци. Во политичката комуникација со Грција двете страни имаат истакнато дека се почитува договорот, рече Османи, посочувајќи дека има јасна политичка волја и од Северна Македонија и од Грција за продолжување со целосна имплементација на договорот од Преспа.