По ден минат во домашен притвор петмина обвинети за 27 април вратени во Шутка

По поднесеното обвинение за настаните во Собранието на РМ на 27 април минатата година, петмина обвинети чии жалби за притворите во понеделникот беа уважени од Врховниот суд, повторно се најдоа во Истражниот затвор Скопје по барање на Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција. Изречен им е 30-дневен притвор. Државниот јавен обвинител Љубомир Јовески тврди дека повторните притвори се основани и неопходни.

Во Истражниот затвор се вратени поранешниот министер за внатрешни работи Митко Чавков и поранешните полициски началници Душко Лазаров и Митко Пешов, како и двајцата собраниски обезбедувачи, Горан Ѓошевски и Оливер Поповски. Кривичниот совет на Одделението за организиран криминал и корупција при Основниот суд Скопје 1, по предлог на Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција, им определи 30 дена притвор поради постоење на основано сомнение дека сториле кривично дело „терористичко загрозување на уставниот поредок и безбедноста“ од член 313 од КЗ.

Кривичниот суд го одби барањето на Обвинителството иста мерка да им се изрече и на пратениците Крсто Муковски и Сашо Василевски. Судот им ја продолжи мерката куќен притвор. На пратениците Љупчо Димовски, Јохан Тарчуловски, како и на Игор Дурловски и Елизабета Доцевска Божиновска и им се продолжени мерките за претпазливост определени со решение на Врховен суд.

За преостанатите лица опфатени со обвинителниот акт, предлогот делумно се уважува и се продолжуваат мерките притвор и мерките куќен притвор, претходно определени со решение на Апелацискиот суд Скопје.

Новите притвори следуваат откако завчера државниот обвинител Јовески соопшти дека до Кривичниот суд е поднесен обвинителен акт против 30 лица во врска со настаните од 27 април 2017 година. Дваесет и осум лица се обвинети за кривично дело „терористичко загрозување на уставниот поредок и безбедноста“, а две за помагање при вршење на истото кривично дело. Обвинетите, според јавниот обвинител на РМ, го загрозиле уставниот поредок и безбедноста на РМ со акт на насилство со што создале чувство на несигурност и страв кај граѓаните.

Јовески смета дека по поднесениот обвинителен акт, има основи за нови мерки притвор за дел од обвинетите за настаните во Собранието на 27 април минатата година.

Вели дека одлуката на Врховниот суд од пред три дена за притворите, се однесува за жалбите доставени во делот на истрагата, а новите мерки се побарани откако Обвинителството и официјално подигна обвиненија за 30 лица за случувањата од 27 април.

– Обвинителството смета дека постојат основи за притвор. За секоја од побараните мерки за обезбедување има поединечни околности кои се ценат – дали лицата се вработени, семејно-материјалната состојба, нивни релации со роднини во странство…, вели Јовески и потенцира дека Обинителството располага со доволен број докази да го докаже ова обвинение пред Судот.

Тој не обелоденува кои се основите за барањето притвор, но посочените околности сугерираат дека во најголем број случаи се превенира можноста од бегство, односно да се обезбеди можност тие да бидат достапни за време на судскиот процес.