Филхармонијата ќе одбележи сто години од раѓањето на Бернштајн

Со вечерашниот симфониски концерт „Бернштајн 100“, Македонската филхармонија ќе одбележи сто години од раѓањето на Леонард Бернштајн. еден од највлијателните американски композитори и диригенти. Ќе бидат изведени две дела од неговиот богат опус – симфониската свита „На брегот“ и Три танцови епизоди од мјузиклот „Во градот“.

Концертот ќе го води диригентот Тимоти Редмонд од Велика Британија, а солист ќе биде германско-францускиот виолончелист Николас Алтштед, кој првпат во Македонија ќе го изведе Концертот за виолончело и оркестар од англискиот композитор Вилијам Волтон.

Композиторот, диригент и пијанист Леонард Бернштајн (1918-1990) е еден од првите американски диригенти кој постигнал светска слава. Добитник е на повеќе „Еми“ награди и се смета за една од највлијателните личности во историјата на американската класична музика.

Диригирал со речиси сите големи американски оркестри, а од 1958 до 1969 бил диригент на престижната Њујоршка филхармонија. Создавал дела со изразени карактеристики од американската култура, проткаени со елементи на џезот – симфонии, опери, балети, концерти, камерна и вокална музика, неколку мјузикли. Светската слава ја стекнал токму со мјузиклот „Во град“ (1944), но и со „Приказна од западната страна“, и двата екранизирани на филм.

Николас Алтштед, кој ќе биде солист на вечерашниот концерт, свири на виолончело Џулио Чезаре Џиљи од 1760 година. Ја освојува публиката низ свеотот изведувајќи дела од периодот на барокот, па се до современи творби. Запаметен е од јавноста по неговата врвна изведба на Концертот од Шуман со Виенската филхармонија, под диригентство на Густаво Дудамел на фестивалот во Луцерн. Оттогаш настапува со познати оркестри.

Неговото најново ЦД со концерти од Карл Филип Емануел Бах издадено за „Хајперион“ ја доби наградата на  музичкиот магазин Би-Би-Си (2017), а неговите претходни снимки на концертите за виолончело од Хајдн, Шуман, Лигети, Шостакович и Вајнберг се високо оценети од светската критика.