„Европскиот кварт“ на Брисел под опсада на незадоволните земјоделци 

Земјоделци од Белгија, но и од неколку други членки на ЕУ, како Италија и Шпанија, со околу 1.300 трактори денеска го блокираа т.н. „Европски кварт“ на Брисел, дел од градот каде што се сместени институциите на ЕУ. 

Полицијата спречи пристап до реонот околу самите згради на Унијата, но демонстрантите ги блокираа околните улици и плоштади. 

Како што објави весникот „Соар“ на плоштадот „Луксембург“, во близина на зградата на Европскиот парламент, може да се забележи чад и да се почувствува „остар мирис“, а насекаде по земјата има расфрлано ѓубриво и слама.  

На дел од блокадите дојде и до помали инциденти, кога демонстрантите гаѓаа со јајца, пивски шишиња и петарди кон полицијата, која возврати со млазови вода. Според полицијата, нема информации за инциденти од поголем обем или за судири.  

Земјоделците се собраа денеска на протести во Брисел, додека во седиштето на Советот на ЕУ се одржува специјалниот Самит на Унијата посветен на ревизијата на Повеќегодишната финансиска рамка на ЕУ за периодот 2021-2027 година, која, меѓу другото, вклучува обезбедување средствата за поддршката за Украина и за помош на земјите од Западниот Балкан. На Самитот ќе стане збор и за случувањата во регионот на Блискиот Исток, а иако протестите на земјоделците, кои се одржуваат во неколку членки на ЕУ, официјално не се тема на заседанието, не е исклучено да се разговара и за нив, имајќи предвид дека секој од лидерите има право да ја покрене која било тема.  

Земјоделците се незадоволни од договорите за слободна трговија склучени на ниво на ЕУ, кои според нив, овозможуваат слободен увоз на земјоделски производи од трети земји што не ги исполнуваат стандардите што важат за продуктите од Унијата, а бараат и „итно вистинско поедноставување на административните процедури“, „длабинска“ ревизија на Заедничката земјоделска политика на ЕУ и олабавување на европските еколошки политики, со цел, како што тврдат, да му се овозможи на земјоделскиот сектор да биде „вистински економски, еколошки и социјално одржлив“.     

Покрај ова, тие бараат и компензација за „сите ограничувања“, субвенции за покривање на зголемените трошоци како последица на инфлацијата, ограничување на како и олеснет пристап до земјоделско земјиште.     

Според земјоделците, Европската комисија треба да спроведе „економска, еколошка и социјална проценка за последиците од сите закони и ограничувања што таа ги воведе во земјоделството во последните години“.     

Инаку, покрај протестите во самиот Брисел, според центрите за следење на состојбите во сообраќајот, блокади има и на обиколниците околу градот, како и на неколку автопати околу главниот белгиски град и во северна Белгија. 

Според белгиската полиција, во бриселскиот регион блокади има на обиколниците меѓу Оверизе и Одергем и меѓу Андерлехт и Зелик, каде за сообраќај е отворена само една лента, потоа на автопатот E429 кај Хал и кај Хузинген, на Е19 од От-Итр кон Брисел и од Нивел кон Монс, како и на автопатната делница кај Уден-Гоњи. 

Во Фландрија, пак, блокирани се обиколницата кај Антверпен меѓу Лило и Зандвлиет, како и автопатите Е313 и Е314 кај Лумен, Е40 кај Остданкерк и E34 во реонот на Бриж во правец кон Антверпен, како и патот Бриж – Зибриж.  

Во Валонија нема информации за блокада на патишта, од причина што најголемиот дел од земјоделците што изминативе денови ги блокираа патните правци во овој франкофонски регион на Белгија, денеска се на протестите во Брисел. 

Инаку, покрај блокади на патиштата, белгиските земјоделци, кои ги почнаа протестите викендов, изминативе два дена блокираа и дистрибутивни центри на големите синџири на супермаркети, оневозможувајќи го нивното редовно снабдување со производи.