Професорот Јоргос Христидис, доцент по компаративна политика на катедрата за балкански, словенски и источни студии на солунскиот Универзитет Македонија, кој воедно е и визитинг професор на Универзитетот во Софија, во интервју за МИА го анализира текот на преговорите меѓу Македонија и Грција, по посетата на Коѕијас на Скопје, а во пресрет на новата средба во Виена на шефовите на дипломатиите со медијаторот Нимиц.
Професорот Христидис, смета дека она што е најважно и неколку пати го потенцира во интервјуто, е дека постои политичка волја и од двете страни, меѓутоа во разговор со дописничката на МИА од Атина, вели дека сепак, се покажа дека постојат разлики во позициите на Македонија и Грција. Токму затоа, вели, преговарачкиот процес, би можел да трае подолго од првичните проценки.
Професоре Христидис, шефот на грчката дипломатија го посети Скопје, разговараше со државниот врв, по овие средби, според Вашето мислење, каде се наоѓаме во преговорите?
Мислам дека посетата го потврди она што новинарски го знаевме. Да, постои волја за постигнување договор, но, сепак, постои важно растојание за да стигнеме до договор. Ова мислам дека се потврди и преку изјавите што ги дадоа двајцата министри за надворешни работи, но и од потврдата дека дијалогот ќе продолжи. Мислам дека е важно дека уште постои голема оддалеченост во низа многу деликатни точки.
Кои се овие точки?
Почнувајќи од предлогот околу името, познато е дека грчката страна сака, би сакала, Горнамакедонија споено, ПЈРМ од своја страна не би сакала споено, би сакала Горна Македонија во два одвоени зборови. Втора точка е колку овој договор ќе биде ерга омнес, што значи дека ќе треба да помине низ ревизија на Уставот, нешто за што владата на Заев, смета дека постојат непремостливи пречки што треба да се надминат за да постои уставна ревизија преку парламентарно мнозинство. Мислам, исто така, дека постои големо растојание во прашањата како што се јазик, идентитет, националност. Овде, грчката страна, би сакала да види, да постои промена, но мислам дека другата страна има јасно кажано дека овие прашања ако се постават, ја елиминираат перспективите за договор, барем за сега, затоа што во иднина никој не знае што ќе се случи.
Колку, според Вас, е изводливо да се стигне до решение, од моментот кога веќе знаеме дека постојат одредени разлики во позициите?
Постои политичка волја, тоа е јасно и ова треба да се потенцира, посебно ако се земе предвид минатото. Многу е важно дека двете страни разговараат за постигнување решение. Многу е важно дека двете страни знаат дека сме пријателски држави, многу е важно е дека Грција потенцира дека ја поддржува евро- атлантската перспектива на ПЈРМ и е во нејзин интерес, но останува да видиме. Сега можеме да даваме само претпоставки, да видиме дали навистина може да се најде златна средина во овие тешки прашања за кои и понатаму се разговара.
Очекувањата се дека по утрешната средба во Виена, на која што ќе учествува и медијаторот Нимиц, многу работи ќе бидат појасни во однос на тоа колку двете земји се блиску до решение. Дали сметате дека таму ќе се одлучува за сѐ, дали можеби ќе има приближување на позициите на двете земји и дали можеби по Виена ќе можеме да имаме една појасна слика?
Мислам дека она што произлегува од изминатите денови е дека преговарачкиот процес може да трае подолго. Постоеше надеж дека може ќе се завршеше во средината на април, за веднаш да почне процесот за интеграција на ПЈРМ во НАТО. Ова, на крај можеби и да не е изводливо и веројатно работите покажуваат дека преговарачкиот процес ќе продолжи и по април во еден обид да се постигне договор. Секако, факт е дека колку поминува времето, знаете постои и внатрешната сцена и во двете земји, времето не им оди во прилог на преговорите, ова мислам дека е нешто за кое повеќето се согласуваат, а според тоа, тоа е еден параметар што треба да загрижува.
Сметате дека постојат притисоци врз двете страни за изнаоѓање решение? Од НАТО, од САД, од ЕУ?
Мислам дека тоа го имаме сфатено сите, дека и врз двете страни, не би рекол дека се врши притисок, тоа е малку несоодветен израз, туку дека се дадени совети да заврши преговарачкиот процес. Навистина е соодветен момент, кога и двете страни имаат изразено политичка волја за да постои договор за да се отвори еден нов прозорец за уште поголем развој на односите Грција-ПЈРМ, но и да оди напред евро- атлантската перспектива на ПЈРМ, што е едно многу важно прашање.
Со оглед на тоа што сте визитинг професор и на Универзитетот во Софија, ја знаете и ситуацијата во Бугарија. Сметате дека Бугарија ќе одигра некаква улога во целиот овој случај, бидејќи во минатото постоеја изјави и реакции во однос на името?
Мислам дека процесот се однесува на двете страни на Атина и Скопје во рамки на Обединетите нации, ова е јасно. Секако Бугарија е соседна земја и на Грција и на ПЈРМ , а исто така има многу добри односи и со двете земји. Софија, преку политичари, преку поранешниот претседател го има изразено ставот дека не и се допаѓа сложено име со географска одредница како што е на пример Северна. Повеќе би преферирала, претпоставувам, да биде Вардарска или Нова. Тоа е нешто што Атина и Скопје, можеби ќе сакаат да го земат предвид.