Шефот на турската дипломатија во Тирана: Исчистете ги последните остатоци од ФЕТО во Албанија

Министерот за надворешни работи на Турција, Хакан Фидан, кој престојува во официјална посета на Албанија, по средбата со неговиот домаќин, министерот за Европа и надворешни работи, Игли Хасани, на заедничката прес-конференција рече дека побарал „властите да ги исчистат последните остатоци од ФЕТО во Албанија“, организацијата на Фетула Ѓулен, која Турција ја смета за терористичка

– Меѓу другото, со мојот колега разговаравме и за борбата против тероризмот и за чекорите што мора да се преземат за чистење на последните остатоци од ФЕТО во Албанија. При тоа ја покажавме чувствителноста на Турција за ова прашање и конкретните чекори што може да се преземат за ова“, рече турскиот министер за надворешни работи.

Тој ги оцени како многу добри односите меѓу двете земји, кои, како што рече, треба да преминат на повисока фаза во економската размена.

Истата оценка ја искажа и Хасани, додавајќи дека интензивирањето на политичкиот дијалог меѓу Албанија и Турција условило зголемување на билатералната соработка.

– Високо ја цениме помошта што пријателска Турција ја даде за нашата земја во тешките моменти. Таа секогаш беше покрај нас во нашите најтешки денови. Односите меѓу нашите земји знаат само за раст и консолидација. Интензивирањето на политичкиот дијалог меѓу нас донесе зголемување на билатералната соработка, изјави Хасани.

Според него освен за економската соработка разговарале и за состојбите во регионот.

– Турските инвестиции во Албанија достигнуваат 3,7 милијарди евра. 15 илјади Албанци се вработени во 630 турски компании кои работат во нашата земја. Го поздравуваме одобрувањето од страна на турскиот парламент на договорот за меѓусебно признавање на возачките дозволи. Со мојот колега Хакан ги споделивме истите размислувања за руската агресија во Украина и изразивме непоколеблива поддршка за територијалниот интегритет на Украина, рече Хасани.

Високо ја оценил поддршката на Турција за признавањето на Косово во меѓународните организации, како и одлуката на турскиот парламент за членство на Шведска во НАТО.

Двајцата најавиле дека годинава ќе го формираат првиот совет за стратешка соработка меѓу двете земји.