Приоритетите на белгиското претседателство со Европскиот совет во првите шест месеци од годинава, пакетот за „Одбрана на европската демократија“ и годишниот дијалог за владеење на правото во Унијата, ќе бидат главни теми на денешното заседание на Советот за општи работи на ЕУ (ГАК) во Брисел.
Како што јави дописникот на МИА, со оваа прва средба на министрите или државните секретари на земјите членки на ЕУ задолжени за европски прашања под претседателство на Белгија, ќе претседава белгиската министерка за надворешни и европски работи, надворешна трговија и федерални културни институции Хаџа Лабиб.
Заседанието ќе започне со презентација на белгиските приоритети во претседавањето со Советот на ЕУ, по што членовите на ГАК ќе ги изнесат своите коментари. Во програмата на Белгија за претседавањето со ЕУ како шест приоритети се наведени одбраната на владеењето на правото, демократијата и единството, зајакнувањето на европската конкурентност, поттикнувањето на зелената и праведна транзиција, зацврстувањето на социјалната и здравствената агенда на ЕУ, заштитата на граѓаните и границите на Унијата и промоцијата на глобална Европа.
Белгија најави дека ќе се посвети на заокружување на мандатите на актуелните и обезбедување на непречена транзиција кон новите институции ЕУ, заедно со подготовка на нивните програми за работа, на прашањата поврзани со пакетот на азил и миграција, како и на усвојување на законите поврзани со имплементацијата на Европскиот зелен договор, зајакнувањето на социјалната сигурност и заштитата на индустријата.
Советот за општи работи ќе одржи и јавна дебата за политиката за пакетот „Одбрана на европската демократија“, во чии рамки ќе бидат разгледани новите правила предложени од Европската комисија за заштита на демократиите и зајакнување на граѓанскиот ангажман.
Во рамките на годишниот дијалог на ГАК за владеење на правото, членовите на Советот ќе одржат дискусија за состојбата со во оваа сфера во Шпанија, Франција, Хрватска и Италија.
На маргините на Советот за општи работи, ќе се одржи и Меѓувладина конференција со Црна Гора.
Советот за општи работи заседава на месечно ниво и во негова надлежност се подготовките на Самитите на ЕУ, како и повеќе меѓусекторски политички прашања, меѓу кои и проширувањето и приемот на нови членки, усвојувањето на Повеќегодишната финансиска рамка на блокот, политиката на кохезија и институционалната поставеност на Унијата.