Состанок на лидерите од Западен Балкан, посветен на Планот за раст усвоен од Европската Комисија се одржува денеска во Скопје.
Премиерот Димитар Ковачевски, е домаќин на српскиот претседател Александар Вучиќ, премиерите на Албанија Еди Рама, на Црна Гора, Милојко Спаиќ, на Косово, Албин Курти, актуелниот министер за финансии и трезор во Советот на министри на Босна и Херцеговина, Срѓан Амиџич, како и Герт Јан Копман, генерален директор за соседство и преговори за проширување во Европската комисија и Џејмс О’Брајaн, помошник државниот секретар за европски и евроазиски прашања на САД.
Пред почетокот на состанокот, во изјава за медиуми Ковачевски, порача дека претставува чест да се биде домаќин на настан со лидерите од Западен Балкан заедно со претставници на САД и ЕУ, како и претставници на Европската банка, регионалниот совет за заеднички пазар, ЦЕФТА.
-Целта е да разговараме за Планот за раст на Западен Балкан, кој претставува конкретна акција на ЕУ во делот на зголемување на регионалната соработка меѓу државите, но и вклучување на заедничкиот европски пазар. Разговорите започнаа вчера со заедничка вечера на лидерите, изјави Ковачевски.
Најави, дека ќе биде усвоена и заедничка Декларација, која што ќе претставува заложба за спроведување на активностите – прво реформи во државите, второ зголемена заедничка соработка и трето, спроведување на активностите од Планот за раст, што ќе донесе реформи, поврзување и финансиски инструменти во висина од шест милијарди евра.
-Веќе разговараме и за конкретни активности. Вклучување во СЕПА, односно укинување на голем број нетарифни бариери, воведување на зелени линии меѓу државите, се со цел, зголемување на трговијата, намалување на трговските бариера, зголемување на конкурентноста на економиите на земјите од Западен Балкан и нивно побрзо вклучување во заедничкиот европски пазар пред формалното вклучување во ЕУ, изјави Ковачевски.
За претседателот на Србија, Александар Вучиќ, состаноците кои ги имале синоќа и денешниот се важни за напредок на целиот регион. Разговаравме со европските и американските претставници околу Планот за раст, ќе продолжиме и денеска да разговараме.
-Разговаравме околу две важни работи, една е заедничкиот европски пазар и учеството на тој пазар и тоа што е за нас битно се зелените линии, каде нашите камиони ќе можат да поминуваат слободно преку границите на земјите на ЕУ, да продолжиме да ги симнуваме нивните оперативни трошоци, да ја зајакнеме нашата трговија и нашата индустрија. За тоа е потребно и ние самите во регионот без оглед на препреките кои во меѓувреме ги подигавме, од земјите на Западен Балкан ние доста постигнавме. Она што е важна вест е дека во наердните денови ќе потпишеме два протокола кои се важни за отпочнување на спогодба за слободен пристап до пазарот на работната сила во Тирана, Скопје и Белград, за кој се надевам дека ќе почне да важи од 1 март, вели претседателот на Србија, Вучиќ.
Што се однесува до Планот за раст на ЕУ, со Копман, Вучиќ посочи дека долго разговарале што се условите и кои реформи треба да ги направиме за да ги добиеме тие пари и како на најдобар начин да ги искористиме.
– Ние ќе дадеме се од себе да ги спроведеме тие реформи, да добиеме можност за пристап до тие финансиски средства што е можно порано заедно со сите останати и верувам дека работејќи само сите заедно работејќи на тој план да направиме голем напредок. Ова е прв пат да се состанеме, а да зборуваме само за економија, а не за големи политички прашања за кои постојат значајни разлики меѓу нас и мислам дека тоа е добар предуслов за напредок на самиот регион и луѓето да ги почувствуваат придобивките од она што го работиме, изјави Вучиќ.
Косовскиот премиер Албин Курти, порача дека денеска сме во Скопје на покана на премиерот Димитар Ковачевски, во која шест земји од Западен Балкан се среќаваат со Европската Унија за Планот за раст, и изрази благодарност на ЕУ, САД и Северна Македонија за оваа, како што рече, многу важна средба која ќе овозможи поголема регионална соработка и забрзан напредок кон ЕУ што е наша цел и наша судбина.
-За вредностите на ЕУ мора да се направат реформи кај нас, а поддршката од ЕУ мора да биде и финансиска. Планот за раст значи 6 милијарди евра за нашиот регион со што висината на средствата зависи од добрите работи што ги прават и успешните перформанси што ги покажуваат. Република Косово денеска ќе го достави списокот на реформи за кои се разговараше, а во наредните денови и списокот со индикативни проекти, а што се однесува до реформите во фокусот ја имаме реформата на јавната администрација и управувањето со јавните финансии, додека за проектите таа за зелената агенда, дигитализацијата, инвестициите во приватниот сектор и стеснувањето на инфраструктурниот јаз, изјави Курти.
Премиерот на Албанија, Еди Рама, пред состанокот рече дека ова претставува навистина важен состанок, за исчекорот што можеме и треба да го преземеме, за приближување кон ЕУ.
-Се работи за новиот План за раст и интеграција на заедничкиот пазар, нешто што досега беше можно само за земјите откако ќе станат дел од ЕУ. Тоа е важна промена и одлична можност што не треба да ја пропуштиме. Затоа е од клучно значење сите шест земји од Западен Балкан да ги ставиме нашите граѓани на прво место и да ја оставиме политиката и историјата, бидејќи се што ќе направиме и успееме да завршиме во следните месеци, ќе го дефинира начинот, како нашите држави ќе изгледаат на крајот од оваа декада, изјави Рама.
Црногорскиот премиер Милојко Спајиќ, порача дека Планот за раст на ЕУ претставува одлична можност за сите и претсавува важен сигнал, не само за земјите од Западен Балкан, туку и за бизнисите, кои што сакаат да инвестираат во регионот.
Генералниот директор за соседство и преговори за проширување во Европската комисија, Герт Јан Копман, пред почетокот, порача дека Планот за раст е потенцијален иницијатор на промени за регионот и може двојно да ја зголеми големината на економиите во следната декада.
– Навистина е мотивирачки да се види како регионот го прифати концептот и работи напорно на реформите, кои ќе помогнат да се овозможи растот, изјави Копман.
На средбата, како што е најавено, ќе учествуваат и вицепремиерот за европски прашања Бојан Маричиќ и министерот за финансии Фатмир Бесими, како и нивните колеги од земјите од Западен Балкан. Дополнително, ќе присуствуваат и претставници од Регионалниот совет за соработка, ЦЕФТА и Коморскиот инвестициски форум на Западен Балкан, УСАИД, Фондацијата отворено општество, Центарот за Европа, Атлантскиот совет, како и повеќе меѓународни финансиски институции како што се Европската инвестициона банка, Европската банка за обнова и развој и Светската банка. На состанокот, видео обраќање ќе има и Борјана Кришто, претседавач со Советот на министри на Босна и Херцеговина.
Европската Комисија на 8 ноември минатата година го усвои Планот за раст на Западен Балкан, со кој на земјите од регионот им се дава можност да користат дел од придобивките на ЕУ уште пред да станат нејзини членки, со цел да се поттикне економскиот раст и да се забрза социоекономската конвергенција.
Четирите основни столба на кој ќе се базира Планот за раст се подобрување на економската интеграција на земјите од регионот со единствениот пазар на ЕУ, зајакнување на економската интеграција на државите од регионот во заеднички регионален пазар, забрзување на фундаменталните реформи и зголемување на финансиската помош за поддршка на реформите преку Фондот за реформи и раст за Западниот Балкан, како нов инструмент во вредност од 6 милијарди евра неповратна поддршка за спроведување на основните и социо-економските реформи.
Како дел од овој План за раст, ЕК идентификуваше седум првични приоритетни области, кои ЕУ може да им ги понуди на земјите од Западен Балкан и кои ќе донесат значителни економски придобивки за регионот – слободното движење на стоки, слободно движење на услуги и работници, пристап до Единствената зона за плаќања во евра, интегрирање на превозот на патници, интегрирање на енергетските пазари, вклучување во дигиталниот единствен пазар и интеграција во индустриски синџири на снабдување.
За таа цел со Планот се предвидува финансиска поддршка од шест милијарди евра за периодот 2024-2027 година, од кои две милијарди евра во форма на неповратни грантови и четири милијарди евра концесиски заеми обезбедени од ЕУ.
Поддршката ќе биде обезбедена преку позајмици директно исплатени во националните буџети на партнерите од Западен Балкан. Три милијарди евра ќе бидат ставени на располагање како директна поддршка за корисниците за да се забрза растот врз основа на клучните социо-економски реформи, а две милијарди евра грантови и една милијарда евра кредити ќе бидат наменети за поддршка на инфраструктурни инвестиции преку Инвестициската рамка за Западен Балкан. Овие инвестиции ќе бидат наменети за транспортот, енергијата, дигиталната транзиција, образованието и развојот на вештини. Најмалку, 37 отсто од неповратната финансиска поддршка канализирана преку Инвестициската рамка треба да се однесува на проекти што ќе придонесат за остварување на климатските цели.
Според ЕК, овој План не е во спротивност со тековните процеси на пристапување и специфичните услови предвидени во тој процес, туку само ќе поттикне забрзување на усвојувањето и спроведувањето на европското законодавство.