Министерот за надворешни работи Бујар Османи денеска оствари средба со претседателот на Собранието на Кралството на Саудиска Арабија, Абдула бин Мухамед Ал аш-Шеик кој престојува во посета на Република Северна Македонија, соопшти МНР.
Во фокус на средбата беа билатералните односи меѓу двете држави, при што беше истакната заедничката заложба за натамошно зајакнување на економската соработка. Османи упати честитки за изборот на Саудиска Арабија за домаќин на ЕКСПО 2030, што ќе претставува одлична можност за интензивирање на трговската размена и бизнис врските.
Во однос на договорната состојба меѓу двете земји, изразено е заемно убедување дека е потребно проширување на постојната договорна рамка, со што ќе се постават основите за натамошно продлабочување на односите помеѓу двете земји.
На средбата беа разменети мислења и за соработката на мултилатерален план, за надворешно-политичките приоритети на двете земји, за регионални теми, како и за актуелните меѓународни прашања и предизвици, се посочува во соопштението од МНР.