Односите со Македонската православна црква, не се добри, туку се братски, вели српскиот патријарх Порфириј во божикното интервју за весникот „Политика”.
– Автокефалноста на МПЦ, барана и добиена на канонски и на начин според светото предание, во дијалог на братска љубов лишена од политички притисоци и скриени еднострани, утилитарни цели од било која страна, никогаш не треба да не плаши, туку треба да го радува секој од нас, истакнува поглаварот на Српската православна црква во интервјуто што го пренесува Тивериопол.мк.
За тоа, според патријархот Порфириј, постојат многу причини.
– Првата и најважна причина е тоа што, по добиеното канонско и ефхаристиско единство кое претходеше на давањето автокефалност, а потоа и со самиот чин на давање на таквиот статус, не се оддалечивме и не се раздвоивме, туку на многу подлабок содржаен и егзистенцијален начин се зближивме и се обединивме. Живеејќи и општејќи во полнотата на црковното искуство и заедништво, како членови на Едната, Света, Соборна и Апостолска Црква, со радост и со надеж гледаме како од меѓусебните односи меѓу МПЦ и СПЦ се развиваат и се раѓаат првите плодови. Нашите клирици заедно богослужат, нашите просветни институции развиваат активна соработка, се создаваат и се продлабочуваат лични пријателства, се обединуваат силите за поактивна и делотворна мисија во современиот свет како и на трусното балканско подрачје на кое што живееме заедно, вели српскиот патријарх.
Сепак, како што посочува, сето ова не поминува и без злонамерни критики, како и различни обиди работите да се искомплицираат, а односите да се обременат.
– Никогаш не смееме да заборавиме дека недоразбирањата меѓу Србите и Македонците би им одговарале на многумина. А добрите односи им одговараат на македонскиот и на српскиот народ. Затоа, останува на сите нас, со големо внимание и грижа ваквите односи да ги развиваме и во иднина сѐ повеќе и сѐ поуспешно. Сакам да го додадам уште и мојот личен впечаток. Колку пати и да сум бил во Македонија во последно време, пречекан и примен сум така што да не се почувствувам дека сум гостин. Сугурен сум дека така се чувствува и Архиепископот Стефан, неговите епископи, но и сите наши браќа Македонци кои доаѓаат во Србија. Поблиски немаме. Ги негуваме, а не ги расипуваме, пријателските и братските односи со сите, а особено со оние кои по сѐ ни се најблиски, нагласува поглаварот на СПЦ.