И во 1991 година денот 24 мај, македонскиот народ и Македонската православна црква го прослави во Рим во базиликата „Свети Климент” и им се оддаде почит со голема благодарност на светите Кирил и Методиј за нивното дело кое ги издигнаа на светители. Тоа уште еднаш ги потврди можностите за афирмирање на македонските културни и духовни дострели во средина како што е Италија, каде што на овој план се зацртани богати традиции. Ваквите релации добиваат посебно значење со фактот што поклонението во Рим се одржува во чест на рамноапостолите свети Кирил и Методиј Солунски.
Оваа година во Рим допатува државна делегација само од Република Македонија, во која беше приклучена и делегација на Македонската православна црква. Имено, со новонастанатите услови на поранешните југословенски простори се формираа нови држави, меѓу кои и Република Македонија, со што престана заедничкиот настап во Рим.
Во состав на државната делегација беа академик Блаже Ристовски, потпретседател на Владата на Република Македонија, како шеф на делегацијата, а членови беа: академик Властимир Николовски, д-р Борис Петковски, професор на Филозофскиот факултет, Александар Димитров, заменик во Министерството за односи со странство, како секретар на делегацијата и Аленка Лапе како преведувач. Црковната делегација, пак, ја предводеше повардарскиот митрополит Михаил, во придружба на протоѓаконот Александар Цандовски, личен секретар и шеф на кабинетот на поглаварот на Македонската православна црква Неговото Блаженство г. г. Гаврил.
Свеченото оддавање почит беше одржано на денот на свети Кирил и Методиј, на 24 мај, длабоко во катедралата „Св. Клемент”, токму каде што и сега постојат остатоци од ранохристијанска црква од четвртиот век.
Церемонијата започна со пеење на тропарот за светите Кирил и Методиј и за свети Климент Охридски уште во горниот дел на црквата. Во тие свечени мигови, заменик-премиерот академик Блаже Ристовски положи венец на гробот на св. Кирил, а митрополитот Михаил, во придружба на протоѓаконот Александар Цандовски и хорот на Ориенталниот институт „Русикум ” го отслужи молебенот. На отпустот митрополитот Михаил го одржа своето слово, при што го истакна големото и значајно дело на овој македонски сесловенски светител и просветител.
Во вториот работен дел од посетата на делегациите во Рим, треба да се истакнат средбите со повеќето претставници на разни институции на Италија и Ватикан. Државната делегација беше примена и имаше мошне плодотворни разговори во италијанското Министерство за трговија, потоа во Министерството за надворешни работи, во Комисијата за културни врски и во италијанскиот Парламент. Мошне успешна беше посетата на државната делегација што ја направи на Ватикан, каде беше примена во приватна аудиенција од папата Јован Павле II.
Притоа на папата му беше подарен македонско-полски и полско-македонски речник што неодамна беше објавен на што тој мошне срдечно се заблагодари. Исто така, државната делегација водеше мошне значајни разговори и со министерот за надворешни работи на Ватикан, при што беа разгледани односите меѓу Ватикан и Република Македонија кои добро се одвиваат во последните години.
Во текот на престојот од 21 до 24 мај, црковната делегација посети повеќе понтификални институции, меѓу кои Ориенталниот институт, Понтификалниот колеџ „Русикум”, Секретаријатот за единство на христијаните и југословенската амбасада во Светата столица. Меѓутоа, средбата со папата Јован Павле II ќе остане во трајно сеќавање. Тоа беше една јавна аудиенција пред многу народ, кој се радуваше што гледа еден православен владика заедно со поглаварот на Римокатоличката црва. Притоа беше констатирано дека врските што постојат во еден подолг период меѓу Ватикан и Македонската православна црква се мошне корисни и треба и во иднина да се негуваат. При таа пригода на папата Јован Павле II му беше врачена Библијата како целосно издание во превод на современ македонски литературен јазик.
Рим
На 24 мај 1991 година Архиепископот Охридски и Македонски г.г. Гаврил му упати посебно писмо на Неговата Светост папата Јован Павле II во Рим, со кое го известува за современиот македонски превод на Библијата. Црковната делегација му ја предаде Библијата на папата Јован Павле II.
Славе Николовски – Катин „Македонските православни црковни општини во Австралија, САД и Канада”, „Нова Македонија”, Скопје 1991.
Во неа се вели дека во нашето духовно и културно живеење последните години сé поевидентен е недостигот од еден, макар и глобален, преглед: од појавата на македонските православни црковни општини до современиот црковен живот на македонските доселеници во прекуокеанските земји, САД, Канада и Австралија. Активното духовно и културно-просветно живеење на Македонците во дијаспората разгледува, навистина, во определен обем и време, низа суштински прашања што се однесуваат на вистината за Македонската православна црква и за македонскиот народ во минатото и за сегашните состојби во македонските православни општини надвор од Република Македонија.
Со овој труд се настојува да се осветли историскиот и развоен пат на македонските православни црковни општини и на македонските доселеници во прекуокеанските земји, поточно да се посочи она место во македонската црковно – национална историја за кое се избориле самите македонски иселеници.
Продолжува
Пишува: СЛАВЕ КАТИН