ДЕЛ ОД ЖИВОТОТ НА АТАНАС БЛИЗНАЈОВ ВО МОНОГРАФИИТЕ НА СЛАВЕ КАТИН (9)

Исто така, Советот на Фондот „Атанас Близнаков” при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј” во Скопје на својата редовна седница одржана на 23.VII.1982 година, меѓу другото, донесе Одлука за регистрирање на Фондацијата „Атанас Близнаков”, како и за изготвување на печат и штембил.

Така, во Одлуката се вели дека треба да се изврши регистрирање на фондацијата „Атанас Близнаков” во судските книги и регистри и да се изготви тркалест печат и штембил според Правилата на Фондацијата „Атанас Близнаков”.

Во текот на дваесетина години Фондацијата се раководеше со почетните Правила. Меѓутоа, со текот на времето, во чекор со новите општествени трасформации, а врз основа на точка В од Одлуката за основање Фонд „Атанас Близнаков” на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј” во Скопје донесена на 148-та седница на Универзитетскиот совет од 18.IV.1977 година, Универзитетската управа на 16-та седница одржана на 6.II.1996 година донесе Правила за измени и дополнувања на Правилата на Фондот „Атанас Близнаков” при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј” – Скопје.

Во документот, меѓу другото се вели дека во целиот текст на Правилата на Фондот „Атанас Близнаков” при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј” – Скопје бр. 03-3302/1 од 23.XII.1982 година, пред зборовите „Кирил и Методиј” се додава кратенката „Св.”;

            – насекаде во текстот на Правилата, зборовите „Универзитетски совет” се заменуваат со зборовите „Универзитетска управа”;

            – во членот 5, став 2, името и презимето Димче Стојанов – Мире се заменува со името и презимето Славе Николовски – Катин;

            – Во членот 5, став 2, по зборовите „четири членови избрани од Универзитетскиот совет”, се додаваат зборовите „и тоа: ректор, проректор, генерален секретар и претседател на Матицата на иселениците од Македонија”.

Советот на Фондацијата „Атанас Близнаков” при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј” во Скопје, веднаш по формирањето презеде низа актинвости. Така на 14.11.1977 година во Ректоратот се одржа седница на која првпат се разгледуваа молбите на кандидатите за стипендии на фондацијата „Атанас Близнаков” за редовни студенти на факултетите на Универзитетот, и тоа: 10 стипендии на редонви студенти по македонски јазик, национална историја, медицина, новинарство, археологија, историја на уметноста и математика и 2 стипендии за редовни студенти на постдипломски студии по македонски јазик.

Се пријавија вкупно 13 кандидати. Од областа на медицинските науки 7 кандидати, историја на уметноста 3 кандидати, математика 1 кандидат, историја 1 кандидат, новинарство 1 кандидат.

Советот сметаше дека релативно малиот број пријавени кандидати се должи на недоволната информираност на студентите и заклучи во иднина на конкурсот да му се даде поголем публицитет. Исто така, беше решено да се разговара со деканите на факултетите за што подобро запознавање на студентите со условите и можностите што ги пружа Фондацијата.

По деталното разгледување на секоја од молбите Советот додели 6 стипендии, и тоа на: Виолета Илиева, од Математичкиот факултет; Гоце Ристовски, од Факултетот за новинарство; Стојче Наумовски и Виолета Тимова од Филозофскиот факултет; Киро Бајатов и Голубе Јаневски од Медицинскиот факултет.

Бидејќи на конкурсот не се јавија кандидати за постдипломски студии на македонски јазик Советот реши да го остави отворен конкурсот до 15 јануари 1978 година и да додели две стипендии за македонски јазик и национална историја.

Меѓутоа, денес Фондацијата „Атанас Близнаков”, која е прва од ваков вид во Република Македонија, предизвикува големо интересирање меѓу студентите, во јавноста во Републиката и сред македонското иселеништво во прекуокеанските земји.

Таа, во прв ред, е гордост на донаторите Атанас и Славка Близнакови и претставува подарок за младината и за Македонија, но и поттик за другите добротвори, без разлика каде живеат, да го помогнат побрзиот економски и културен развој на својата Татковина.

Формирањето на Фондацијата „Атанас Близнаков” претставува не само завештание и животна ориентација на познатиот македонски хуманист Атанас Близнаков и неговиот сопатник Славка, туку и светол пример за највисоката просветна институција во Македонија – Универзитетот „Св. Кирил и Методиј”.

За основањето на Фондацијата „Атанас Близнаков”, секако, најзаслужни се Димче Стојанов – Мире и Томе Буклески – Маќули, кои заедно со Атанас Близнаков ја осмислија, ја поддржаа идејата и ја формираа Фондацијата. Со тоа тие станаа и првите доживотни членови на Фондацијата. Како претседатели на Матицата на иселениците од Македонија, тие вложија усилби да се реализира идејата за основање фондација. Тие со својот коректен, исправен и патриотски однос, придонесоа Атанас Близнаков да дојде во Македонија и да основа Фондација.

По смртта на Димче Стојанов – Мире, од 1991 година за постојан и доживотен член е избран Славе Николовски – Катин, а по смртта на Атанас Близнаков во 1998 година, за постојан и доживотен член е избрана неговата сопруга Славка Близнакова.

Димче Стојанов – Мире е роден на 10.10.1910 година во Прилеп. Завршил Филозофски факултет – група историја во Белград 1935 година. Тој бил учесник во НОБ и член на СК од 1941 година.

Во животот се наоѓал на следниве работни места и должности: Во виорот на војната активно учествувал во Прилеп и пошироко во Македонија. Тој е еден од видните борци од Прилепско и виден деец во Македонија. Уште во војната бил професор во гимназиите во Пеќ, во Кратово и во Ловеч.

По војната бил на раководни места меѓу кои, шеф на Ка бинетот на Владата; потпретседател на Планската комисија, директор на ПТТ – Скопје; министер за просвета на НРМ; претседател на Народното собрание и на Одборот за просвета; директор на Државниот архив на СРМ; директор на Архивот на Македонија и други функции, а во пензија отишол на 31.10.1980 година.

Димче Мире бил: народен пратеник на АСНОМ, член на Президиумот на АСНОМ, член на Сојузниот одбор на ССРНЈ, член на Архивскиот совет на Југославија, член на Републичката комисија за верски прашања на СРМ, член на Народниот фронт и на Главниот одбор на ССРНМ, претдседател на Друштвото на историчарите на Македонија, пратеник на собранието на СРМ, член на Советот на Институтот за национална историја и др.

Исто така, покрај другото, бил член на Народниот фронт, а потоа на Главниот одбор на ССРНМ; претседател на Матицата на иселениците од Македонија од 1951 до 1962 година; претседател на Советот на Ансамблот „Танец”; претседател на Друштвото на архивските работници на Македонија, а бил именуван за член на Универзитетскиот совет во Скопје и член на Советот за просветни прашања на малцинствата при Сојузниот извршен совет.

Одликуван е со Орден на Републиката со сребрен венец. Орден Братство и единство ИИ ред. Орден заслуги на народот III ред, и Орден на трудот со црвено знаме.

Продолжува

Пишува: СЛАВЕ  КАТИН