ДЕЛ ОД МОНОГРАФИЈАТА „ЛУ ВЛАШО – АМЕРИКАНСКИ СИН НА МАКЕДОНИЈА“
Повторно, мојата вклученост во заедницата требаше да започне, овој пат во Нејплс. Овде се чувствував како дома и сакав својот дом да го направам колку што може подобар.
Како станав инволвиран сопственик на куќа
Кога Џен и јас се преселивме во Нејплс во 1989 година, прво се доселивме во Гросвенор (The Grosvenor) во Пеликан Беј, подделени плацеви со куќи веднаш надвор од градот Нејплс во округот Колиер. Околу 1993 година ме побараа да членувам во управниот одбор на Гросвенор.
Се согласив, и неколку години подоцна бев избран за претседател на здружението и на таа позиција бев две години. Во текот на мојата последна година како претседател бев поканет да присуствувам на состанокот на Здруженијата на претседатели на Пеликан кондоминиуми, кој во тоа време се состоеше само од седум висококатници. Не помина долго време пред да бидам избран за претседател на таа група и бев избран седум пати – седум години по ред.
Целта беше да се разменуваат идеи меѓу различните здруженија, но сметав дека треба да вклучиме повеќе од нив. Една од првите работи што ги направив беше да го отворам членството за сите кондоминиум асоцијации на Пеликан Беј, а денес има над 60 членови кои претставуваат над 7.000 станбени единици и над 14.000 поединци.
Ни беше од огромна помош што еден од жителите ни пријде, кој сакаше да започне возење со Тојс фор Тотс (Toys for Tots) во Нејплс. Презентирањето на нејзината идеја на организација од таа големина беше прекрасен поттик за старт на Тојс фор Тотс.
По седум години, сепак, почувствував дека е време некој друг да ја преземе функцијата претседател: Им реков на членовите од одборот дека нема повторно да се кандидирам.
Во меѓувреме, почнав да работам во други општински организации што беа влијателни во Пеликан Беј. Пеликан Беј има специјална даночна област која работи на одржување и разубавување на околината, управување со водоснабдувањето и уличното осветлување, одржување и обновување на плажите во рамките на заливот Клам. Официјалното име за даночни области како оваа е Единица за даночни придобивки за општинските служби (Municipal Service Taxing Benefit Unit MSTBU).
Присуствував на неколку нивни состаноци и на крајот бев номиниран од Одборот на комесари на округот како член на одборот. Бев среќен што бев член на одборот и што имав збор во заштитата на мојата инвестиција. Сметавме дека Пеликан Беј е еден од најистакнатите населени места во цела САД и така и ја оддржавме! Служев неколку мандати од февруари 1999 година до март 2003 година, вклучително и два како претседател.
Не беше успешно сè што направивме за таа цел. Една од иницијативите што ги презедовме додека бев претседател беше Пеликан Беј да стане независна како област што беше дозболено според законот на државата. Го ангажиравме најдобриот адвокат во главниот град на државата и изготвивме предлог кој го претставиме на членовите на општинската комисија на округот Колиер. Тие го одобрија, а ние почнавме да планираме како да преземеме одговорност за работите во Пеликан Беј што претходно не ги контролиравме.
Но, прилично брзо, се формираше една мала — иако многу гласна – група, за која мислиме дека погрешно го протолкува планот, која ја оспоруваше новата повелба. За неколку недели целата заедница беше против тоа, а членовите на комисијата го повлекоа одобрувањето.
Некаде во тој момент сфатив дека има четири здруженија кои имаат големо влијание врз иднината на Пеликан Беј без некоја координација или комуникација меѓу нив. За да ги подобрам и двете работи, организирав група со неформален ручек со претседателите на четирите организации. Се среќававме еднаш месечно и имавме искрени дискусии за нашите активности. Иако немавме официјална улога, средбите беа многу корисни.
Приклучување кон бизнис заедницата
Се запознав со голем дел од Нејплс и како тој функционира со тоа што повторно станав дел од бизнисот. Не ми беше во план, но ми донесе повеќе искуство и уште една шанса да го изнесам македонското наследство во преден план.
Се започна еден ден во 1998 година, кога ми се јави мојот пријател Ристо Гуштеров и ме замоли да се сретнам со него на Петтата авенија Југ, спроти неколку стари згради во срцето на трговскиот кварт. Наскоро дознав зошто.
„Сакам да го купам тој имот и да изградам нова зграда во која ќе има ресторан на првиот кат“, ми рече тој, кимнувајќи со главата кон нив. Понатаму, рече тој, сакам ти да бидеш дел од проектот.
Иако цената беше солена, тоа беше вистинско место за неговиот проект. Го ангажиравме Рандал Стофт како градежен архитект, со Џон Кони, и бевме среќни што во нивниот персонал имаа Македонец, Крсте (Крис) Стаматовски. Крис беше назначен за раководител на проектот; Јас бев задолжен за вадење и добивање дозволи и за односи со градот. Откако започна изградбата на зградата, го надгледував градежниот проект и секоја недела имав состаноци со градежната компанија.
Овие неделни состаноци ми ја овозможија привилегијата блиску да соработувам со претседателот на „Крафт Констракшн“(Kraft Construction), Боб Карсело, кого го сметам за икона во индустријата.
Дизајнот на ресторанот на првиот кат доби изглед и чувство на стара Македонија. А и името секако беше соодветно.
Но, како дојдовме до името Вергина? Мислам дека беше Ристо тој што го предложи. Користењето на знамето на Вергина не беше дозволено во Македонија, но во САД можевме да правиме што сакаме. Затоа го избравме тоа име, а ѕвездата со краци на Македонија се користеше значително многу како во ресторанот, така и во нашиот маркетинг.
Вергина ја отворивме во јануари 2001 година, токму на почетокот на туристичката сезона. Имавме многу предизвици при отворањето, особено кога требаше да се справиме со големите толпи народ што почнаа да доаѓаат уште првиот ден. Вергина оствари успех уште од првиот ден и продолжи да биде успешна и во годините што следуваа.
Но, имавме значителна помош од Гоце Сипинкоски, менаџерот на ресторанот, и неговиот брат Зак, кој беше готвач. Всушност, имавме многу прекрасни луѓе во персоналот на Вергина кои беа заслужни за одличната репутација што ја стекнавме; уште една личност која треба тука да се истакне е мојата административна асистентка, Џејн Шнајдер.
Бев назначен за потпретседател и го надгледував работењето на зградата и ресторанот. Глигор Тупаров, кој работеше со Ристо во Европа, се приклучи на работата во 2001 година. Подоцна отворивме бизнис со деликатесен/пица ресторан на Петтата и два ресторани и бар на островот Марко. Сепак, ниту еден од нив не го постигна успехот кој го имаше Вергина.
Додека бев во Вергина, тоа беше местото каде се случуваа многу македонски активности во Нејплс. Ја отворивме канцеларијата на македонскиот конзулат во Нејплс со ручек таму.
Еден од најважните настани во ресторанот беше откривањето на сликата „Битката на Александар Македонски против кралот на Персија Дариј III“, од Недајборшх Влолдимир, уметник и професор по уметност од Киев, Украина. За нејзината важност зборуваше Васил Тупурковски, автор кој напиша и објави четиритомна „Историја на античка Македонија“. Големото уметничко дело беше украс на главниот ѕид во ресторанот Вергина повеќе од 10 години.
Во 2012 година, по 14 години, решив дека е време навистина да се повлечам од работа. Но, и ден-денес, во 2022 година, Вергина се уште е таму.
Името, поради тоа што не им беше познато на Американците, создаде неколку интересни начини на изговор и некои подеднакво интересни коментари на почетокот. Но, се задржа. Дури и откако ресторанот беше продаден, новите сопственици се обидоа да го променат неговото име, но постојано добиваа повици од клиентите кои сакаа да резервираат во Вергина.
На крајот, тие се вратија на името што функционираше – и кое задржа дел од Македонија во пејзажот на Петтата авенија на Нејплс: Вергина.
Продолжува
Пишува: СЛАВЕ КАТИН