Хрватска отсекогаш била интересна земја за Македонците, кои се доселувале времено или постојано. Така, еден од првите доселеници од Македонија во Хрватска е Константин Миладинов, од Струга, којшто се вработил како личен секретар на бискупот Јосип Јурај Штросмајер и со негова финансиска и морална помош, во 1861 година го издал прочуениот „Зборник на македонски народни песни“, преку кој македонското народно творештво му стана достапно на целиот културен свет и битно придонесе за афирмација на македонското литературно народно творештво.
По ослободувањето во 1945 година, и формирањето на Народна Република Македонија, одреден број трговски и интелектуални фамилии од Македонија се преселиле во Хрватска. Исто така, млади луѓе од Македонија се запишале во средните стручни училишта, воените училишта и високите школи и факултети на Загрепското светилиште. Така, се смета дека по војната во Загреб имало повеќе од илјада студенти од Македонија. Нивниот број, во наредните години, се смалувал, паралелно со отворањето на поодделните факултети во Скопје. И по скопскиот земјотрес, во 1963 година, од Македонија организирано во Хрватска дошле голем број Македонци кои останале сè до денес.
Често со право се вели дека Македонците во светот оставаат бројни траги, некаде во сенка, некаде како привид, а некаде како живот кој тече. А трагите на Македонците во Загреб се повеќе од тоа: тие се значаен дел од културното и духовното наследство на Македонија и парче од мозаикот, културата и обичното живеење на суверена Хрватска.
Убавиот Загреб, една од европските метрополи на културата, широко ги отвори пазувите за Македонците кои времено или трајно свиле гнездо на тие простори. Според некои податоци во Загреб живеат околу 4.000 Македонци од сите краишта на Македонија, а околу 15.000 во цела Хрватска; ги има од фурнаџии до универзитетски професори, но сите се со една мисла – за подобри врски со Македонија.
„Заедницата на Македонците во Хрватска“ (ЗМРХ) е формирана на 22.12.1991 година чија основна дејност се состои во чување на националниот идентитет и ентитет, негување на јазикот, фолклорот, пишаниот збор, културните и природните богатства на Република Македонија, историските факти и вистината, како и одржување на тесни контакти со матичната држава и соработка со нејзините институции. Заедницата успешно соработува со Амбасадата на Македонија во Хрватска, со Македонската Православна Црква во Хрватска како и со сите останати институции во Хрватска и Македонија.
Во „Заедницата на Македонците во Хрватска“ се вклучени друштвата „Илинден“ од Риека, „Македонија“ од Сплит и „Браќа Миладиновци“ од Осиек, како и македонските православни цркви: „Света Злата Мегленска“ во Загреб, „Свети Наум Охридски“ во Сплит и „Свети Јован Осоговски“ во Пула, кои претставуваат собиралишта и за млади и за стари, места каде се негуваат македонската песна и ора, традициите и обичаите, христијанската религија и културните вредности донесени од Македонија.
Инаку, по основањето на „Заедницата на Македонците во Хрватска“, во 1992 година, на денот на светите браќа Кирил и Методиј, во Католичката (Унијатска) црква во Загреб, беше одржана и првата богослужба на македонски јазик во Хрватска. За првпат во една од републиките на поранешна Југославија, надвор од Македонија, тогаш се слушнаа молитви кон Господа на мајчин македонски јазик.
Потоа, на 11 декември 1993 година, беше формирана и Македонската православна црковна општина, што го доби името на светата великомаченица Злата Мегленска. Затоа, поводот за нашето патување за Загреб (на свештеникот Ѓорѓи Кацарски, ѓаконот Александар Цандовски и авторот на овие редови Славе Катин како потпретседател на Комисијата за односи со верските заедници на Република Македонија) беше формирањето на црквата „Света Злата Мегленска“. Таа е првата македонска православна црковна општина во Република Хрватска, која припаѓа на „Европската епархија“ на МПЦ-ОА, како дел од семејството на над осумдесетината македонски духовни, културно-просветни и национални центри надвор од Република Македонија.
Беше сабота, кога патиштата за голем број Македонци водеа кон музејот „Мимара“ во строгиот центар на Загреб, прекрaсно здание спроти Хрватското казалиште, формиран од донаторство на хрватскиот сликар и реставратор, познавач на уметноста и колекционер – Анте Топиќ Мимара. Во една од салите на овој значаен загрепски музеј се одржа изборното собрание на Македонската православна црковна општина „Света Злата Мегленска“, на кое за претседател беше избран познатиот диригент Тома Прошев, директор на Операта во Загреб..
На тој ден беше прочитана Одлуката на Светиот архијерејски синод на Македонската православна црква, потпишана од архиепископот охридски и македонски г.г. Михаил, со која формирањето на македонската православна црковна општина во Загреб се здоби со благослов. Потоа, авторот на овие редови Славе Катин одржа предавање на тема „Улогата и вистината за Македонската православна црква“, кое беше следено со големо внимание и наградено со аплауз од присутните.
Напладне во преполнетата црква „Свети Рок“ во Загреб, се одржа богослужба на македонски јазик. Присутните ги поздрави и старешината на црквата, а како и на предавањето во „Мимара“ присуствуваа неколку новинари од Загреб и дописници на странски новински агенции. Тоа беше прва недела по Денот на Свети Климент. Затоа и литургијата беше посветена на тој наш голем учител и отец, просветител и црковен столб, родоначалник на Охридската архиепископија и првиот охридски епископ.
Огромно беше задоволството што богослужбата се одржа на македонски јазик, тоа се читаше на лицата на присутните на кои тој свечен чин им остави белег на нивните души. Тоа особено се чувствуваше кога опојниот мирис на темјанот во рацете на свештеникот Ѓорѓи Кацарски и ѓаконот Александар Цандовски, ја исполни црквата, ги возбуди, ги обедини и ги стопли душите на собраните Македонци во тоа, инаку студено, загрепско утро.
Најнова информација на Заедницата е тридецениското постоење на „Македонски глас“, списанието на „Заедницата на Македонците во Република Хрватска“, кое на 13 октомври 2023 година во Трибина на Град Загреб се одржа свеченост на која присуствуваа видни личности од политичкиот, општествениот и културниот живот во Хрватска, меѓу кои претставници на претседателот на државата, Хрватскиот сабор и Владата, како и Македонци кои се вклучени во работата на списанието и негови читатели.
– Списанието континуирано се печати од 1993 година. Затоа, оваа значајна годишнина претставува долгогодишна заложба за зачувување на македонската култура, јазик и традиција во Хрватска, вели за овој значаен јубилеј главната и одговорна уредничка, Милена Георгиевска. Затоа, сите овие 30 години списанието е столб на заедништво и промотор на македонската култура во Хрватска, и ја продолжува својата вредна мисија и во годините што доаѓаат, чувајќи и ширејќи го богатото наследство на македонската заедница.
За опстојувањето на списанието „Македонски глас“ и ЗМРХ, треба да се споменат,меѓу другите, д-р Никола Гроздановски – првиот и почесен претседател на ЗМРХ, Огнен Бојаџиски – првиот главен и одговорен уредник на списанието, како и сегашните активисти: Илија Христодулов – претседателот на ЗМРХ и Милена Георгиевска – главната и одговорна уредничка на списанието “Македонски глас“. на „Заедницата на Македонците во Хрватска“
Претседателот на „Заедницата на Македонците во Република Хрватска“, Илија Христодулов, посочува дека иницијативата за издавање на сопственото списание „Македонски глас“ е историски настан за севкупното македонско национално малцинство во Република Хрватска, а и пошироко.
-Тоа е нашиот македонски незаборав како аргумент дека иако далеку од родните огништа и расфрлани по сите страни на светот, нашите срца и мисли се постојано поврзани со милата ни татковина етничка Македонија. Така нѐ учеше македонскиот апостол, личноста на 20. век, Крсте Петков Мисирков, вели Христодулов.
Тој упати благодарност до Владата на Република Хрватска и „Советот за националните малцинства“ за нивната немерлива помош и нивното редовно кофинансирање на програмските и активности на „Заедницата на Македонците во Република Хрватска“, како до сите досегашни главни и одговорни уредници, нивните заменици и редакциски одбори, дописници, фоторепортери, печатници, како и до сите останати кои што на било кој начин придонесувале и придонесуваат за успешната реализација на списанието „Македонски глас“, кое прослави 30 години од неговото постоење, што претставува гордост на сите Македонци.
Пишува: СЛАВЕ КАТИН