Виница заинтересирана за соработка во спа-туризмот со општини од Унгарија

Општина Виница е заинтересирана за зајакнување на контактите и унапредување на соработката со локалните заедници во Република Унгарија, посебно со општините кои имаат искуство во спа-туризмот.

Ова меѓу другото беше речено на работната средба што унгарскиот амбасадор Ласло Иштван Дукс ја имаше денеска во локалната самоуправа на Виница со градоначалникот Ивица Димитров.

-Сметаме дека една од можностите за економски развој е искористување на природните ресурси со кои располага нашата општина, при што фокусот е насочен кон геотермалната вода. Унгарија има одлично искуство во развојот на спа-центрите, поради што сакаме дел од соработката да биде во тој правец, истакна градоначалникот Димитров.

На средбата се разговараше и за проширување на меѓусебните врски, кои досега најмногу се во областа на културата и во подршката на ромската заедница кај нас, а тенденција е да се зајакнат односите во економијата.

Општина Виница е заинтересирана и за збратимување со некој од градовите во Унгарија, поради што очекува со помош од унгарската амбасада контактите да се интензивираат.

Во рамки на посетата на Виница, амбасадорот Дукс го посети и основното училиште „Гоце Делчев“, како и производствените погони на прехранбената компанија “Макпрогрес“.