Во издание на издавачката куќа „Македонска искра“ од Скопје, а спонзорирано од Ѓорѓија – Џорџ Атанасоски“ од САД, излезе од печат публикацијата „Огледало“ од Славе Катин. Делото е отпечатено на 140 страници, на македонски и на англиски јазик. Рецензенти на оваа публикација се: Гордан Јорданов, директор на организацијата Обединета македонска дијаспора од Вашингтон, за Македонија и Европа и Душан Ристевски-Македон, поет, драматург, публицист, основач и претседател на Македонското литературно друштво „Григор Прличев“ од Сиднеј.
Публикацијата „Огледало“ е посветена на Славе Катин и добивањето на престижната награда „Награда за животно дело 2022“ од организацијата Обединетата македонска дијаспора од Вашингтон, САД. Славе Катин е книжевник, журналист, публицист и аналитичар на Македонците во светот. Тој е познат на македонската и на меѓународната јавност по неговите бројни публикации, новинарски и научни трудови кои се посветени, главно, на етничка Македонија, на животот на Македонците во светот, на Македонската православна црква – Охридска архиепископија и на Античка Македонија. Славе Катин е вљубеник во својата татковина Македонија, во македонскиот народ насекаде по светот, а за тоа секогаш го водела светата мисла да остави вечни траги за идните македонски генерации.
Наградата „Награда за животно дело 2022“ на Славе Катин му се додели на 5-тата глобална конференција на ОМД во Скопје, Македонија, која се одржа во јули 2023 година. Поради здравствени причини, Славе Катин не присуствуваше на Конференцијата но наградата ја прими неговата ќерка Дафинка Катин Скатоца и внуката Изабел Катин Скатоца, кои живеат во Рим. По овој повод Славе Катин ја припреми публикацијата „Огледало“ со цел да го отслика неговото 50 годишно творештво и одбележи неговиот 82 роденден и секако да се одбележи добивањето на оваа престижна награда.
Покрај Славе Катин, досегашни добитници на „Наградата за животно достигнување“ се и поранешниот претседател на Република Македонија Киро Глигоров, Џон Битов и Џејмс Сандерс од Канада, Џорџ Атанасоски, Атанас Коларовски и Луј Влашо од САД и Мик Веловски од Австралија.
Инаку ова награда ја доделува Обединетата македонска дијаспора (ОМД) која е врвна меѓународна, невладина асоцијација која воглавно делува во Дијаспората, чија главна цел се интересите и потребите на луѓето со македонско потекло и македонските заедници ширум светот. Членовите на оваа организација се среќни и задоволни што вратите во Соединетите Американски Држави, Канада, Австралија и Европа и’ се отворени за комуникација и дијалог за националните интереси на Македонците и Македонија.
На Симпозиумот исто така се промовира и книгата „Американски син на Македонија“, за која лично и инспиративно зборуваше Лу Влашо. Делото е издание на Книгоиздателството „Македонска искра“ од Скопје, а излезе од печат по повод Божикните и Новогодишните празници во 2022 година, на 330 страници на англиски и македонски јазик, чии уредници се новинарката Херит Хеитхаус од САД и публицистот Славе Катин од Македонија.
Исто така Славе Катин е добитник на наградата „Повелбазаживотно дело“ што ја доделува Советот на Пелагониските средби од Новаци-Битола за неговиот севкупен труд, дела, дострели и придонес во науката, културата, новинарството, религијата и општественото живеење. Официјално наградата му беше врачено на традиционалните Пелагонски средби во октомври 2022 година. Тој е исто добитник на „Наградата за животно постигнување во творештвото“, која му беше влачена на „49-те Иселенички Љубински средби“ во Љубојно, Преспа. Исто така тој е добитник на наградата „Крсте Петков Мисирков 1991“ што ја доделува Здружението на новинари на Македонија од областа на журналистиката. Инаку Славе Катин е почесен член во литературните друштва „Браќа Миладиновци“ од Торонто, Канада и “Григор Прличев“, од Сиднеј, Австралија, и доживотен волонтерско член во фондацијата „Атанас Близнаков“ на универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје.
Пишува: ДУШАН РИСТЕВСКИ – МАКЕДОН