ДЕЛ ОД МОНОГРАФИЈАТА „ЕСМА“ НА СЛАВЕ КАТИН
И во ова продолжение во „Македонска нација“ ќе нагласиме дека илустрираното монографско дело „55 години Есма со нејзината песна “ на авторот Славе Катин, издадена во 2015 година, на 410 стр страници, во издание на Издавачката куќа „Македонска искра“ и асоцијацијата „Кралицата Есма и Стево Теодосиевски“ од Скопје, а со поддршка на Министерството за култура на Република Македонија е на македонски, англиски и ромски јазик.
Монографијата е посветенo на амбасадор на ромската песна и македонски музички освојувач на сите меридијани. Име познато и признато, уважено и респектирано во музиката. Вистината за Есма Реџепова – Теодосиевска е една необична, интересна и многу убава приказна, која е облагородена во оваа монографија и со авторовата имагинација, знаење и умеење, Есма е претставена како пример за афирмација на македонската и ромската песна и за Република Македонија.
Посебно место во монографијата има незаборавниот хуманитарен концерт на Кралицата на ромската музика и национален уметник на Македонија, Есма Реџепова–Теодосиевска што се одржа на 22 март 2014 година. Токму таа вечер, неколку часа пред и официјално да настапи пролетта, за Кралицата на ромската и македонска песна беше ноќ за обележување на, за неа, повеќе важни јубилеи и поводи. Се чини, најважниот за тие што ја сакаат беше 55-годишнината од нејзиното пеење.
Есма со Тоше Проевски
Есма, естрадниот уметник на кој животот и кариерата беше еден од најголемите музички белези во Македонија и на Балканот, одбележа 55 години работа, што беше музичка долговечност позната и призната и во светски рамки. Со тоа сите нејзини поводи беа собрани во една голема позитивна енергија на концертот во Универзална сала, во Скопје.
Таму Есма пред своите сограѓани уште еднаш го разлеа гласот во песните од нејзиниот широк репертоар на македонската и ромската песна. Секоја песна предизвикуваше различни емоции, кои еднакво силно допираа до сите во публиката, иако можеби некому една песна му беше поомилена од друга.
Концертот беше добро обмислен и организиран од Хуманитарното друштво „Кралицата Есма Реџепова и Стево Теодосиевски“. Пред да се појави на сцената на Универзална сала на видеобимот се проектираа фотографии од Есма и Стево Теодосиевски низ годините кои разбудија емоции и предизвикаа силни овации кај публиката. Есма излезе на сцената во прекрасен бледо кафен фустан специјално шиен за неа и ја запеа „Зoшто си ме мајко родила“, која уште на почетокот навести волшебна музичка вечер.
Обожавателите се редеа на сцената со подароци, букети и искрени емоции на кои Кралицата Есма не остана рамнодушна. Атмосферата во Универзална сала почна да се вжештува на песната „Оџачар“ која ги крена на нозе речиси сите гости во салата.
Есма се заблагодари на сите кои таа вечер дојдоа и покрај топлото време. Притоа, таа изјави дека ние сме народ кој умее и знае да помага и, пред сѐ, да го задржи веселиот дух и оптимизмот. Исто така, рече дека таа вечер пее за народот, зашто и таа излезе од народот.
Целиот концерт беше поделен во три сегменти, а во паузите од секоја нова музичка приказна настапија гостите Шадан Сакиб и Елеонора Мустафовска, како и Ибуш Ибраимовски кој на единствената и неповторлива Есма Реџепова и го посвети неговиот голем хит „Розо моја“.
Есма на сцената на Универзална сала ја придружуваше одличниот оркестар „Amazing Romas from Macedonia“ (Чудесните Роми од Македонија) и танчарите од КУД „Орце Николов“.
На вториот дел од концертот Есма настапи во розови шалвари, специјално шиени за неа, со кои ги изведуваше песните од ромскиот врвен музички дел.
Кога Есма Реџепова го пушти гласот и ја запеа „Џелем, џелем“, публиката не остана рамнодушна. Карактеристично за оваа песна е тоа што во 1957 година, Есма Реџепова, тогаш како 14-годишно девојче го претставувала своето училиште на натпреварувањето „Микрофонот е Ваш“. Таа емисија во тоа време била многу популарна и се емитувала на Радио Скопје. Есма ја освоила првата награда и таа година се смета како почеток на фантастичната музичка кариера која трае веќе 55 години.
Атмосферата во салата беше проследена со играње, пеење, насмевки и овации, а во еден момент се заигра и оро пред бината на кое спонтано се придружи голем дел од публиката.
На сцената во Универзалната сала имаше многу пријатни случки кои ќе останат во трајно сеќавање за присутните, а посебно за Есма. Меѓу другото, на сцената излезе внучето Адам и на Есма ѝ подари чаша за чај, снаите и подаруваа цвеќе, а децата од Домот за сирачиња „11Октомври“ ја бакнуваа на сцената и се заблагодаруваа на нејзината несебична помош која им ја дава.
Инаку, Есма Реџепова–Теодосиевска е прва во Македонија која прослави 55 години кариера. Затоа и таа рече дека е тешко естраден уметник да се одржи толку години и да има свое достоинство, цена и почитување од страна на луѓето. Исто така, таа рече дека е пресреќна што нејзиниот живот е исполнет, дека одржала повеќе од 15 илјади концерти во нејзината музичка кариера; дека таа и приватно е богата жена зашто има прекрасни пријатели, одлични професионални соработници, има 47 машки деца и едно девојче Елеонора, има прекрасни снаи и 124 внучиња.
Есма со свои пријатели и обожатели
Концертот по повод 55-годишното дружење на Есма со песната, всушност, беше ретроспектива на долгогодишната плодна работа на Кралицата на ромската и македонската музика, а заврши со едно големо благодарам, кое Есма им го упати на сите кои помогнаа концертот да се реализира.
Посебно се заблагодари на тие кои ѝ ја дадоа несебичната поддршка како и на сите гости кои дојдоа во Универзалната сала, заедно да се прослави големиот јубилеј. Потоа, Есма ги покани сите да заиграат со неа на сцената, што со задоволство беше прифатено.
Помеѓу гостите на јубилејниот концерт беа колешките на Есма, Блага Петреска, Виолета Томовска, колешките на Есма од Советот на град Скопје, како и многу други блиски пријатели и роднини, но и голем број на обожаватели на Кралицата на ромската музика.
Со овој јубилеен концерт Есма Реџепова-Теодосиевска покажа дека таа немаше години, дека нејзиниот ведар дух беше невозможно да остави никого без силни импресии и воодушевување. Со тоа, секако, покажа и докажа дека таа е вечната Кралица на ромската музика и голем афирматор на македонска култура.
Продолжува
Пишува: СЛАВЕ КАТИН