ДЕЛ ОД МОНОГРАФИЈАТА „ЕСМА“ НА СЛАВЕ КАТИН
Есма Реџепова–Теодосиевска и Ансамблот „Теодосиевски“ најпрво го прославиле својот 25-годишен јубилеј во Белград на 8 декември 1982 година. Тоа се случило кога се вратиле од Индија во Белград. Таму, во Меѓународниот прес-центар, директорот Перо Ивачиќ организирал специјална прес-конференција за Есма и Стево Теодосиевски, за нивните 25 многу значајни и исклучително успешни естрадни години
Имено, Ивачиќ, пред насобраните новинари од многу медиуми, изјавил дека тоа е прес со амбасадорите на југословенската естрада а по повод нивниот сребрен јубилеј, кој се одбележува, бидејки Есма и Стево го заслужуваат тоа.
По обраќањето на Ивачиќ, се обратиле претседателот на естрадниот еснаф и уредник во Радио Белград, Светислав Вуковик, кој во таа пригода меѓу другото рекол:
„Со гордост морам овде да нагласам, дека југословенската естрада досега немала такви уметници како Есма и Стево Теодосиевски. Тие најмалку време поминуваат дома. Куферите секогаш им се спакувани за нови патувања, нови турнеи и нови предизвици. Стево сам ја учел Есма и перфектно ја научила музиката и се издигнала високо во ѕвезденото естрадно небо.
Toj ja пронајде и ја лансира Есма Реџепова. Интерпретатор од голем формат и со глас кој никого не го остава рамнодушен, како и виртуозните хармоникашки волшепства на Стево. Песната им ги спои и кариерите и животите. Тие се венчаа по десетгодишна заедничка уметничка работа…“
комплименти следеле и од останатите видни личности и новинарски пера, кои биле дел од свечениот чин по повод сребрениот јубилеј на тандемот Теодосиевски во Меѓународниот прес-центар во Белград. Навистина е убаво кога некој ќе се досети и ќе ги одбележи јубилеите, настаните и значајните естрадни поводи.
За тие две и пол децении, Есма и Стево го обиколиле светот, патувајќи по воздух, вода и копно стотици илјади километри и одржувајќи импресивен број концерти, од кои голем дел и за хуманитарни цели.
Есма со Елизабет Тејлор и Ричард Бартон
На јубилејот беше потенцирано дека тие се познати и уште по една голема човечка доблест. Имено, прифатија, одгледаа и им подарија иднина на многу млади таленти, на многу деца и млади, кои под закрилата и со голема упорност и работа на Есма и Стево, научија да свират и пејат а кога требало и да заиграат. Немало отстапување и гледање низ прсти. Есма како нивна вистинска мајка се грижела за нив, а тие нашле многу топлина во домот на Теодосиевски, живеејќи како едно компактно семејство.
По неколкуте заеднички години, дел од нив заминале по своите патишта, некои формирале музички друштва, трети направиле кариера и свиле свое семејно гнездо. Во секој случај, тоа било огромна хумана мисија и добротворие, покажано и докажано на дело, со години потврдено од Есма и Стево Теодосиевски.
Исто така, било кажано дека Есма и Стево Теодосиевски и нивниот ансамбл се вистинска музичко–сценска машинерија, која доживува толку многу успеси и признанија, кои, каде и да гостуваат, речиси секогаш се враќаат со многу комплименти, успеси, бисови и овации. Секако, дека за еден така импресивен концертен биланс, стои многу работа, проби, компонирање, ТВ шоу…Тие настапувале дури и во најоддалечени села, во училишта, универзитети, градови, болници, амбасади, стадиони, бродови, пустини, светски концертни сали…
На сребрениот јубилеј, Есма и Стево, заедно со оркестарот биле среќни и неизмерно му се радувале на животот, функционирајки извонредно синхроно и со голема енергија и темперамент, освојувајки ги естрадните сцени на сите меридијани во светот.
Во тие 25 години Есма Реџепова-Теодосиевска со сопругот Стево Теодосиевски и нивниот ансамбл најмногу концерти одржувале кога во поранешна Југославија се граделе пруги, мостови и патишта. Голем број од концертите биле со хуманитарен карактер, по кој тие биле препознатливи.
Така, тие одржале концерти кога се градела пругата Белград-Бар, кога се правел автопатот Белград-Загреб, учествувале на градилишта во Војводина, на пошумувања, кога се градела големата хидроцентрала кај Заечар и на други места. Исто така, имале многу хуманитарни гостувања за стари лица, за хендикепирани, за лица со посебни потреби, во старечки домови. Во тие 25 години биле познати по тоа што Есма и Ансамблот „Теодосиевски“ оделе секаде каде што имало потреба.
Четири-пет години по распадот на поранешна Југославија, Есма и Ансамблот „Теодосиевски“ биле меѓу првите естрадни уметници што гостувале на просторите на бивша Југославија. Тоа било во Словенија на празникот на Ромите, 8. Април, кога разбудиле многу емоции, бидејќи Есма била пејачка со космополитски дух, пред која не постоеле национални бариери.
Смртта на нејзиниот сопруг и придружник Стево Теодосиевски на 9 април 1997 година, како да ѝ ги зголеми нејзините напори да помага на хуманитарен план. Почнала да одржува хуманитарни концерти ширум Република Македонија, да ги полни салите во Скопје, Загреб, во многу места на Јадранот, на Балканскиот Полуостров и во Европа.
Концертот завршил со песна за нејзиниот град Скопје, а Есма била побогата за уште едно обожавање од своите сограѓани, кои ја слушнале номинацијата за Нобелова награда за мир. Номинацијата била дадена од Југословенскиот црвен крст, а поддржана од повеќе други институции од областа на културата и естрадата.
Имено, во 2002 година, Есма ги одбележуваше 45-те години на македонската естрада, од кои во тој период, четири децении беше присутна на подиумите во светот. Средствата од тој концерт беа наменети за хуманитарни цели, една од големите карактеристики на Есма Реџепова–Теодосиевска.
По повод 50-годишниот јубилеј во кариерата на Примадоната на ромската и на македонската народна песна, Есма Реџепова-Теодосиевска, пак, во преполната Универзална сала во Скопје се одржал концерт на 16 март 2006 година. Притоа, актерот Страшо Милошевски ја извел монодрамата „Есма“ од Борче Нечовски. Но, се чини дека монодрамата и песните не биле доволни да се опише целиот пат и големиот придонес што во изминатите пет децении Есма го оставила како печат во историја на македонската и на ромската народна музика.
Песната ѝ го одредила животниот пат на жената што на сите им се обраќаше со „мило мое“, на жената што беше прогласена за Кралица на ромската музика, за Милениумска пејачка, Примадона на европското пеење. А „Зошто си ме мајко родила“, „Сите девојчиња мамо се мажија“, „Чајорије шукарије“, „Девла“ се меѓу евергрините што живеат веќе 50 години.
На концертот Есма добила топли поздрави од многу видни личности од Владата и Собранието на Република Македонија, како и од бројни други институции што ѝ ги упатиле на дамата со големо срце и топла прегратка за целиот човеков род. Во таа пригода, македонската дива, Калиопи во името на членовите на Здружението на автори на музички дела „Шпато“, објави дека ја номинирале Есма за престижната награда на принцот од Шпанија. Исто така, клубот „Лајонс“ побара на Есма да ѝ се додели дипломатски пасош како заслужен граѓанин и амбасадор на културата на Република Македонија.
Но и на својот златен јубилеј Есма не заборавила на својата публика, на својот народ и топло им се заблагодарила. Притоа, објавила дека средствата од јубилејниот концерт и од петте концерти што ги одржала во изминатата недела ќе ги донира за потребите на институциите што се грижат за лицата со посебни потреби, како и за други здравствени институции во Република Македонија.
Големиот јубилеј на Есма и на Ансамблот „Теодосиевски“ со песна им го честитаа и дел од нејзините колеги: Виолета Томовска, Наум Петрески, Сузана Спасовска, а со Адријан Гаџа ја запеаја евровизиската „Љубов е“. Специјален гостин беше познатата пејачка Уснија Реџепова, која со блех-оркестарот од Врање ја крена публиката на нозе. Убавата песна и ведрата Есма направија публиката цели два часа да биде весела, да пее, да игра и да ѝ се заблагодарува со громогласни аплаузи.
Во секој случај, тој концерт ќе остане во сеќавање, бидејќи тоа беше концерт кога песната на Есма доминираше во ноќта. Тоа беше ѕвездената ноќ на Есма. Тоа беше ноќ на незаборавот. Концерт преисполнет со долги паузи, со овации на признателност и благодарност. За заблагодарување на нејзините обожаватели, колеги, соработници… Концертот завршил со песна за нејзиниот град Скопје, а Есма била побогата за уште едно восхитување од своите сограѓани од љубителите на нејзината песна и добротворие.
И покрај тоа што Есма има одржано повеќе од 20 илјади концерти низ целиот свет, овој по многу нешта беше посебен, особено зашто беше во чест на 50. години живот на македонската и светската музичка сцена. За крај, Есма најавила дека ќе пее уште и преку Сателитскиот канал на Македонската телевизија, ги поздрави сите иселеници и ги замоли наскоро да се вратат во родната Македонија. Таа година била во знакот на нејзиниот златен јубилеј, затоа и на 24 март настапила во Копенхаген, Данска. Исто така, Есма одржала повеќе концерти ширум Македонија.
Продолжува
Пишува: СЛАВЕ КАТИН