ДЕЛ ОД МОНОГРАФИЈАТА „ЃОРЃИЈА – ЏОРЏ АТАНАСОСКИ“ ОД СЛАВЕ КАТИН
Поради вонредно добрата геостратешка положба, Форт Лодердел е важна сообраќајна раскрсница и место на богаташи. Тој е најголемото пристаниште на американските јахти и со најбогати куќи на тој дел од Флорида, а можеби и во светот. На аеродромот не пречекаа нашите домаќини Лили и Стив Плиакас, кои ни искажаа македонско гостопримство, пред сè, со топлина и љубов, а потоа со удобноста во нивниот богат апартман на брегот на Атлантскиот Океан, во близина на познатата плажа Холивуд, на север од Мајами.
Зградата во која бевме сместени на 32 кат беше со многу интересни архитектонски остварувања и со сите потребни простории за одмор, рекреација и удобно живеење. Секоја зграда покрај океанот е богата целина за себе, а сите тие облакодери прават една целина. Брегот диши, пулсира многу потопло, попријатно и убаво и за очи и за душа од каде било во светот. Затоа Флорида е интересна со својата географска положба, клима и посебност од секаков вид. Мислиш дека по должината на брегот се наоѓа еден град чија големина е непрегледна илјадници километри од Џексонвил до Мајами.
Затоа често се вели дека богатите Американци не случајно ја одбрале Флорида, каде живеат претежно воесен и зима. И ние се шетавме по сите убави интересни и по многу нешта карактеристични простори, за кои за да ги видиш е потребно многу време. Меѓутоа, одличната инфраструктура, поврзаноста со главните и споредни сообраќајници патувањето го прават пријатно и интересно.
Инаку, пред да допатуваме во Флорида читав голем број литература од различен аспект, бидејќи мојата цел беше да се запознаам со втората татковина на Ѓорѓија–Џорџ Атанасоски. Да се запознаам со сè она што на овој познат и признат Македонец му пружила „ветената земја“, каде тој со својот брат Јосиф постигнале голем успех во бизнисот.
А, Флорида е сојузна држава на САД, на полуостровот Флорида, помеѓу Атлантскиот Океан и Мексиканскиот Голф (Залив), чиј главен град е Телахаси. Но се чини Мајами е најзначајниот град, како и градовите Џексонвил, Темпа и прочуените морски плажи – Мајами Биич, Палм Биич и Дејдона Биич. Флорида е пространа рамница, со песочни брегови и суптропска клима, со многу благи зими и жешки лета.
Низ Флорида течат многу реки со бавен тек. Има голем број мочуришта и езера, а поголемо е езерото Окичоби. По туризмот Флорида е најразвиена држава во САД, но, исто така, во неа е развиена и прехранбената, дрвната и други индустрии. По производство на минерални фосфати е прва земја во западната хемисфера.
Според пишаните документи, Флорида ја открил шпанскиот истражувач Понсе де Леон во 1513 година. Под власта на Шпанија била до 1763 година, потоа потпаднала под власта на Англија и останала сè до 1783 година, кога повторна потпаднала под власта на Шпанија. Во 1819 година САД ја откупиле од Шпанија. Меѓутоа, долготрајната битка меѓу САД и семинолските Индијанци оставила траги. Од 1845 година Флорида е сојузна држава на САД.
Таа е интересна и значајна од северната страна со границата на државата Џорџија, па до југ кај Флоридскиот Мореуз, кој е еден од најважните морски теснеци на западната хемисфера. Тој ја одделува Флорида од Куба, а со тоа дели два различни света. Јас имав среќа да го видам и почувствувам тоа од двете страни. Од Флорида при посетата на мојот братучед професорот Јосиф Грежловски-Гандето, на кој античка Македонија, а особено родното Љубојно му се преокупација и живот.
Тој е автор на неколку романи и голем број текстови за античка Македонија и интелектуалец кој води жестоки полемики особено за Македонија со голем број грчки „автори“. Таму, во тој најјужен дел на Флорида, со него и со неговото семејство поминавме прекрасни, незаборавни мигови. Од Куба, пак, при нашите две посети ја гледавме Флорида од каде од двете држави гледавме чудесно зајдисонце кое остава траги во сеќавањата на посетителот.
Од апартманот на Лили и Стив Плиакас во убавото место Авентура нè зема со „волвото“ нашиот драг пријател, а мој другар од детството, радио новинарот Бошко Рајчовски–Пелистерски, чиј автор сум на монографијата за неговиот живот и дело. Тргнавме по долгиот автопат од источниот до западниот брег на Флорида. Колона автомобили се движеше по автопатот кој поминува покрајмногу населени места и фарми. Исто така, тој го дели и мочуриштето во кое имавме прилика од непосредна близина на оградата од автопатот да видиме различни морски птици, но и крокодили, кои мирно го чекаа својот плен.
Автопатот беше со сите американски нишани, но беше прав, недогледен и за возачот дурии здодевен. По повеќе часа возење се најдовме од другата страна на брегот на Флорида, каде не чекаше нашиот пријател бизнисменот Ѓорѓија–Џорџ Атанасоски. Бевме договорени да се сретнеме со Џорџ Атанасоски во преубавиот град Нејплс (Naples), кој се наоѓа на западниот брег на Флорида и кој го заплискуваат водите од Мексиканскиот Голф.
Ормонд Биич
Средбата беше закажана во еден од најлуксузните хотели на тие простори, што го носи името на македонскиот антички град Виргина (Кутлеш-Палатица), во сопственост на познатиот македонски бизнисмен Ристо Гуштеров.
Во Нејплс не пречека Луј Влашо, Македонец по потекло од егејскиот дел на Македонија, менаџер на сите објекти во сопственост на бизнисменот Ристо Гуштеров, кој, за жал, не беше во САД во тој период. Инаку, менаџерот Луј Влашо е интелектуалец, познат и признат во американското општество и почесен конзул на Република Македонија за Флорида.
Во ресторанот „Вергина“ каде се вишнееше македонското сонце од Кутлеш, имавме средба и со познатиот македонски иселеник Борис Ничов, бизнисмен, мој долгогодишен пријател по потекло од селото Подмочани, Преспанско, а кој долги години живее во Чикаго. Борис, исто така, е многу познат во македонската дијаспора и кој покрај Чикаго свил убаво гнездо на еден мал богат остров во Мексиканскиот Залив.
Во Нејплс се чувствувавме како дома, како во Македонија. Истиот ден кога пристигнавме, од ресторанот „Виргина“ (Кутлеш) кој се наоѓа во центарот на градот, на главната улица ја гледавме парадата што започна токму пред „Виргина“,чиј главен организатор и спонзор беше нашинецот Луј Влашо. Средбата во „Виргина“ беше многу срдечна, пријателска, македонска. Разговаравме за многу работи кои се однесуваат на збиднувањата, напредокот и иднината на Македонија.
Меѓутоа, оваа средба беше најзначајна по тоа што токму таму во македонски амбиент под македонското сонце, се договоривме со бизнисменот Ѓорѓија–Џорџ Атанасоски да напишам монографија за неговиот живот и дело во САД и во Македонија. Се договоривме професионалната монографија да биде лика и прилика за најзначајните дела што овој бизнисмен ги постигнал на сите полиња. Истовремено се согласивме Монографијата да биде огледало за него и гордост за Македонија исполнета со материјали од античко до денешно време.
Често се вели дека патиштата на државата Флорида, главно, водат, се вкрстуваат или заминуваат од американската метропола – Мајами. Овој велеград по многу нешта е карактеристичен, контроверзен, убав и значаен, ако не и најзначајниот град на Флорида, чија архитектура, култура, минато и сегашност се еден импозантен и многу впечатлив мозаик, кои му даваат посебен и уникатен белег.
Затоа, не случајно се рекло дека да се види Мајами и другите значајни места на полуостровот значи да се почувствува големината, постигнувањата и развојот на човештвото на јаве. Да се посети Флорида, во исто време значи човек да се запознае со вистините кои се видени на филмското платно, преку малиот екран, во фантазиите, мечтите… Затоа, со право се вели дека Ормонд Биич на Флорида, е вистинското место за живеење и творење на бизнисменот Ѓорѓија–Џорџ Атанасоски и неговото семејство.
Инаку, тимукуанските Индијанци кои го формирале Ормонд Биич го нарекле село Нокороко. Потоа, заради составот на населението, во 1875 година градот бил именуван како Нова Британија. Но, во 1889 година бил именуван како Ормонд, добивајќи го името по англо-ирско-шкотскиот морепловец Џејмс Ормонд Први. Ормонд служел како капетан на брод за Британија и Шпанија во војнитепротив Наполеон, за што бил и наградуван.
Продолжува
Пишува; СЛАВЕ КАТИН