Стерјовски за СОТ7: Документите докажуваат дека во Албанија живее македонска заедница, а битката со Бугарија е стара 150 години

Албанските медиуми и понатаму отстапуваат посебен простор за македонската заедница во земјата, посебно околу случувањата пред и за пописот на населението и бугарската агресија „во областите и градовите каде живеат Македонци, да покаже дека живеат Бугари“.

Последно тема околу Македонците третираше албанската телевизија СОТ7 во емисијата „Конак“, во која Васил Стерјовски, претседател на Македонска алијанса за европска интеграција (МАЕИ), одговара на прашањето „дали постои со документи македонска нација во Албанија пред 1944 година и од кога е призната од албанските власти“.

-Како македонска заедница живееме долж албанско-македонската граница, Врбник, во областа Девол, Преспа, Гора и Голо Брдо. Сите овие области преминаа на албанска територија во 1923 година. Точно 100 години како сме на албанска територија како македонски области, македонска заедница. Во 1921 година, Албанија призна две малцинства во Лигата на народите, грчкото и српското малцинство на север. Тогаш, во тој период, ние не бевме дел од албанската територија. За Албанија беше меѓународна обврска да ги признае овие малцинства. Ние тогаш не бевме дел од Албанија. Во 1923 година имаше Комисија за утврдување на границите на Албанија, со Кралството на Србите, Хрватите и Словенците и со Грција. Посебно за делот од селата во Охридско-преспанскиот регион, за 18 села, за кои Бугарија претендира. Уште од тогаш е овој проблем. Проблемот со Бугарија е стар 150 години, не е сегашен. Значи таа претендира дека овие 18 села од Врбник, наваму до Лин се бугарски села, вели Стерјовски.

Значи не е сегашен овој проблем, го потпрашува новинарот.

-150 години како ја имаме оваа војна со Бугарите, не е денешна. Но сега стана членка на ЕУ и ни поставува услови. Во тоа време, претседателот на Комисијата за разграничување на границите, Енрико Телини, заедно со другите генерали направил анкета во овие 18 села и испратил извештај. Ова е извештајот од 2 август 1923 година, испратен од италијанскиот конзулат од Драч, до италјанското МНР каде пишува: Во врска со овие села за кои претендира Бугарија, пишува дека кога ги карактеризирав овие села, јас намерно го користев општото име македонско, а не бугарско, бидејќи секаде кога ги прашував жителите за нивната националност, тие одговораа Македонци, а кога додавав Бугари, повторно одговораа Македонци. Потоа уште еден документ од италјанското МНР каде се известува бугарската страна, генерал Марков, дека овие села што се претендира дека се бугарски се самоизјаснети за Македонци во 1923 година. Се изјаснети пред Комисијата за разграничување на границите дека се Македонци и тоа се италијански документи каде пишува дека се Македонци, а не Бугари. Еве имаме документи за тоа, посочува Стерјовски.

Додава, дека бугарскиот аташе во Истанбул тогаш го известува бугарското министерство за внатрешни работи и му пишува, дека „во нашите села, тие се декларирале Македонци, а не Бугари“. 

И другиот член, кој бил во оваа комисија, од Франција, според Стерјовски, генералот Андре Орион, и тој истото го пишува дека кога се поставија конечните граници, областа на Преспа да премине во Албанија.

-Значи се декларираат Македонци?- е следното прашање.

– Се декларираат Македонци и пишува дека еден жител од Глобочени, кога го прашав, кажи ми сега за ова одлука што сега ќе преминете со Албанија. Што мислиш? Тој пишува дека го видел дека е тажен и ми ја даде оваа изјава. Неговите мемоари сега се објавени и на албански јазик во Албанија од неговиот внук. И пишува: “Ние Македонците немаме еден татко, еден претседател. Нема ништо потажно за нас кога гледаме помали земји како Бугарија и Србија како се обидуваат да ги земат нашите територии. Ќе бидеме среќни кога самите ќе се администрираме, од вистинските Македонци”. Оваа изјава ја дал жител на Глобочани, родното село на Стерјо Спасе во 1923 година, одговара Стерјовски.

Јасно, констатира новинарот и прашува  каде ја дал ова изјава или пред комисијата?

– Пред францускиот генерал чиј внук ги објавил неговите мемоари од 1923 година. Жителите на македонската заедница но и на целиот регион емигрирале, во различни земји, за подобар живот во емиграција. Неодамна направив изложба, и лани но и оваа година, со овие документи и интересно е на пример од крајот на 19 век и почетокот на 20 век кога емигрирале во Америка и таму и им ги запишувале сите податоци,  земјата од која доаѓаат и етничката припадност. На пример, имаме жител на Билишта кој емигрирал од Турција во 1907 година, за националност се изјаснил Македонец, емигрирал во Америка, Васил Спиро се изјаснил како Македонец и е запишан како Македонец во имиграциските регистри на Америка.

Има илјадници документи, но јас донесов неколку. Од Пустец. Жител на Пустец 1907. Исто, после 1920 година емигрирале за Австралија. Овој повторно е жител на Билишта 1927 година, Кристо Пинко кој се декларирал како Македонец во Австралија пред австралиските емиграциони власти. Пишува дека доаѓа од Албанија, националност македонска. Имаме уште еден случај, Нестор Коле, 1927 година, од Глобочени. Друг случај од 1938 година од Пустец, Колефски Петко, кој се декларирал како Македонец. Зборувам за Архивите на Австралија. Уште еден документ.  Ефтим Петко е од Шулин, емигрирал во Аргентина во 1917 година, вели тој покажувајќи документи за тоа.

– Како се декларира?

-Како Македонец и што пишува во неговите белешки. Пишува, доаѓам од Шулин, од Македонија и пишува дека во 1912 во Преспа дојдоа Србите, во 1913 дојдоа Бугарите, до 1924 година беа Грците, од 1924 година поминавме во Албанија. Сите овие се факти од светските архиви каде се изјаснети за Македонци, без да имаме македонска држава. Сега да се вратиме на вашето прашање. Во 1944 година по ослободувањето на земјата. Сакам да напоменам дека за време на Втората светска војна, македонската заедница учествуваше во партизанското движење и во Македонија и во Албанија во заедничката борба против наци-фашизмот. Затоа што тогаш, тоа беше заедничка војна и благодарение на нивната пожртвуваност, ние имаме и херои кои загинаа во Македонија против бугарските окупатори и во Албанија против Италијанците и Германците. Тие се наши херои, оценува тој.

Благодарение на нивната пожртвуваност, констатира Стерјовски, ние се признавме како малцинство во 1944 година и имавме право на образование на македонски јазик.