Српскиот претседател Александар Вучиќ вечерва објави дека коалицијата „Србија не смее да запре“, предводена од неговата Српска напредна странка, на денешните избори освоила апсолутна победа на републичко и на покраинско ниво, а очекува да ја формира власта и во Белград.
Во првото обраќање по затворањето на гласачките места, Вучиќ рече дека врз основа на 76 проценти преброени гласови, без резултатите од Косово и Метохија, неговата листа сигурно ќе има повеќе од 127 мандати и апсолутно мнозинство во Парламентот на Србија.
На изборите за Собранието на Војводина, Вучиќ кажа дека „Србија не смее да запре“ ќе освои меѓу 67 и 69 пратенички места, а заедно со нивниот традиционален партнер Сојузот на војвоѓанските Унгарци и со СПС, може да се достиге бројката од 84 пратници.
Што се однесува до Белград, тој рече дека мнозинството за формирање на градската власт ќе зависи од Бранимир Несторовиќ, но оти е сигурен дека градоначалник повторно ќе биде Александар Шапиќ.
Лидерот на Социјалистичката партија на Србија (СПС), Ивица Дачиќ, пак, изјави дека не е задоволен од изборните резултатите и дека, според негово лично мислење, треба да се најде нов лидер на СПС.
ЦеСИД/ИПСОС, врз основа на 80,2 отсто преброен гласови, соопшти дека листата „Александар Вучиќ – Србија не смее да запре“ освоила 46,4 отсто од гласовите или 129 мандати.
На второ место е „Србија против насилството“ со 23,3 отсто или 64 мандати.
Третата позиција ја зазема коалицијата на СПС со 6,7 отсто или 18 мандати.
Коалицијата НАДА освои 4,8 отсто или 13 мандати.
Според овие проекции, над цензусот е и листата „Д-р Бранимир Несторовиќ – ние – гласот на народот“ со 4,8 отсто од гласовите, односно 13 мандати.
Од малцинските листи, Сојузот на војвоѓанските Унгарци се очекува да има шест мандати, коалицијата на Партијата за правда и помирување и Демократскиот сојуз на Хрватите во Војводина три мандати, СДА Сулејман Угљанин два мандата и по еден листата на Шаип Камбери и Руската партија.