Истражување на ИКС: Граѓаните имаат најмала доверба во Собранието и Обвинителството, најголема во Армијата

Според Институтот за комуникациски студии кој го мери индексот на активна транспарентност, Владата во 2016 година имала 25 проценти транспарентност, која почнува да расте и во последните две години достигнува и задржува сто процентна транспарентност, посочи премиерот Димитар Ковачевски.

Тој денеска во своето обраќање на конференцијата „Транспарентност и отчетност: Совршен пар за враќање на довербата во јавните институции“, организирана од Институтот за комуникациски студии (ИКС), рече дека вкупната активна транспарентност кај институциите за 2023 година е 76 проценти, во 2021 година била 63 проценти за разлика од 2016 година, кога била 45 проценти.

-Од 2017 година наваму Владата е отворена и транспарентна и тоа го докажуваат годишните бројки. Бројките за Владата како институција според Центарот за граѓански комуникации кој го мери индексот на активна транспарентност велат дека во 2016 година имало 25 проценти транспарентност, која почнува да расте и во последните две години достигнува и задржува сто процентна транспарентност, рече Ковачевски.

Тој додаде дека Министерството за одбрана, според индексот, има постигнато сто проценти транспарентност и тоа неколку години по ред, Министерството за финансии има 98, 1 процент, а Министерството за здравство има 91, 3 проценти транспарентност.

-За нас, транспарентноста е како огледало или ренгенска снимка за институциите. Тоа значи дека секој проблем, секој скандал или недоразбирање го слушаат, гледаат, читаат граѓаните. Тоа секако влијае врз перцепцијата на граѓаните. Ние сме задоволни што како Влада сме мерени во транспарентноста и отчетноста, затоа што треба да ги поминеме сите контролни механизми особено граѓанските. Око на јавноста треба да е будно кога се прашање и претпријатијата на локалната власт, општините и градот, бидејќи ние мора да разбереме во оваа држава дека имаме поделена власт и надлежности, рече Ковачевски.

Според премиерот, како што Владата докажала дека може да биде сто проценти транспарентна, треба истото да го направат и другите делови од власта, односно локалната власт, правосудната и законодавната власт. Како што рече, би биле понапредни доколку секоја институција вклучително и судството, можат да се пофалат со транспарентноста во која граѓаните кои ги плаќаат даноците знаат колку предмети се во обработка, колку од нив биле сработени и каков е резултатот.

Ковачевски рече дека врз перцепцијата на граѓаните влијаат медиумите со своето работење, од кои тие се информираат.

-Медиумите имаат своја слободна уредувачка политика која ние ја поддржуваме, на која институциите и владата не сме ниту помислиле да влијаеме. Владата не планира да регулира медиуми а исто така сметам дека и судството не треба да регулира медиуми и да се меша во тоа што е медиум а што не. Тоа треба да го прават организациите на медиумите и тие треба со јасни критериуми да квалификуваат што е медиум а што не е медиум, рече Ковачевски.

Директорката на Институт за комуникациски студии Жанета Трајкоска осврнувајќи се на податоците од нивното истражување за транспарентност на институциите, за време на конференцијата рече дека Собранието, политичките партии и Јавното обвинителство имаат оценка од 2,5, 2,7 и 2.8 отсто, а судовите 2,4 отсто и тие имаат најниска доверба.

Како што додаде, претседателот на државата ужива малку поголема доверба од 3,5 отсто, полицијата 3,8 отсто, локалната власт 3,7 отсто, а институција со највисока доверба е Армијата.

Таа напомена дека медиумите имаат доверба од 3,5 отсто исто колку што и невладините организации. Ниска или умерена доверба имаат и меѓународните сојузи како Обединетите Нации и НАТО, односно 3,9 и 3,8 отсто, а ЕУ 3,5 отсто. Верските заедници имаат исто така умерена доверба од 4.4.

-Ако ги видиме резултатите на довербата кон информациите кои граѓаните ги добиваат, исто така перцепциите на граѓаните не се позитивни. Огромно мнозинство граѓани е скептично кон се што се објавува. Повеќе од половината воопшто не веруваат на која било објавена информација. 30 отсто претпоставуваат дека е веродостојна, а само 14 отсто за се што е објавено во медиумите сметаат дека е точно. Она што е позитивно во истражувањето е дека најголем дел од овие 14 отсто се млади од 18 до 24 години, рече Трајкоска.

Според Трајковска, разочарувачка е перцепцијата и за отчетноста на државните органи. Учесниците во истражувањето сметаат дека често има изговори на функционерите да се однесуваат несоодветно.

Како што рече, Собранието и Обвинителството добија ниски оценки. Само еден процент од анкетираните граѓани се согласуваат дека пратениците секогаш се грижат за граѓанските интереси и за граѓаните или дека обвиненијата на Јавното обвинителство добиваат разрешница. -Овие бројки на перцепција и на недоверба се една ладна шлаканица за сите нас, додаде Трајкоска.

Амбасадорот на Обединето Кралство во земјава Метју Лосон, на конференцијата рече дека Обединетото Кралство е целосно посветено да даде поддршка на Владата во врска со разрешување на корупцијата и поголема транспарентност.

-Во оваа држава, но и во многу други држави е потврдено дека коруцпијата е најголемиот проблем со кој се соочуваат граѓаните. Кога патувам низ државите она што го дознавам од владите таму е дека најголема грижа е како да се реши корупцијата бидејќи ја нарушува демократијата и транспарентноста, и ја намалува довербата во јавните институции. Затоа сме горди што работиме со сите институции во оваа држава во правосудниот и во граѓанскиот сектор преку нашите програми, рече Лосон.

Лосон информираше дека владеење на правото е од голема важност за Обединетото Кралство, затоа, како што рече токму Обединетото Кралство е еден од најголемите инвеститори во земјата.

Како што рече, трговската соработка со Обединетото Кралство вреди околу 2,3 милијарди евра на годишно ниво.