Северна Македонија има највисок степен на трговска отвореност во регионот на Западен Балкан што во 2022 година достигна 171 отсто и нема да бара преодни периоди, туку во целост ќе го прифати правото на ЕУ, порача денеска во Брисел премиерот Димитар Ковачевски на отворањето на последната сесија од скрининг процесот на земјава, посветена на Кластерот 6 за поглавјата „30 – Надворешни односи“ и „31 – Заедничка надворешна и безбедносна политика“.
– Ќе се фокусираме на тоа да ги усогласиме нашите трговски политики со Европската Унија во рамките на Светската трговска организација и ќе продолжиме да ги спроведуваме правилата на ЕУ во врска со контролата на извозот со двојна намена, извозните кредити, инвестициите и инструментите за трговска заштита во нашите национални правни и институционални рамки, истакна Ковачевски.
Како што јави дописникот на МИА од Брисел, Поглавјето 30 се фокусира на заедничката трговска политика кон трети земји базирана на мултилатерални и билатерални договори и автономни мерки со цел постигнување правичен меѓународен систем за трговија кој треба да придонесе кон постигнувањето одржлив раст и обезбедувањето сеопфатен економски развој на среден и долг рок.
Поглавјето ги вклучува и правилата на ЕУ во полето на мултилатералната и билатерална рамка на заедничката трговска политика, специфичните трговски правила, договорите за оценка на сообразност, инструментите за трговска одбрана, инструментите за надворешната политика, како и развојна политика и хуманитарна помош.
Премиерот Ковачевски истакна дека надворешната трговија на Северна Македонија е се повеќе поврзана со Европската Унија, бидејќи таа е наш најголем трговски партнер со 60 отсто од вкупната трговска размена во текот на изминатата година. Дополнително, 86 проценти од вкупниот број на сите преференцијални договори што Северна Македонија ги применува на билатерална и мултилатерална основа се со ЕУ.
– Освен тоа, ЕУ е најважниот инвеститор во Северна Македонија и има удел во 65 отсто од вкупниот број на странски директни инвестиции на крајот на 2022 година, потенцира премиерот Ковачевски.
Тој нагласи дека земјава го поддржува мултилатералниот трговски систем заснован на правилата на Светската трговска организација, кој придонесува за промовирање на отворената трговија и повисок економски раст, со што како мала држава си обезбедува поголема сигурност во трговските односи.
Ковачевски потсети дека во земјава во тек е процесот на ратификација на Референтниот документ за домашна регулатива за услуги и Договорот за субвенции за рибарството, како и дека 30 октомври Северна Македонија стана членка на Договорот за јавни набавки во Светската трговска организација.
– Во однос на рамката на развојната политика, Владата ги прифати Агендата 2030 и целите за одржлив развој во националниот стратешки план, кои се усогласени со Рамката за соработка на Обединетите нации за одржлив развој 2021-2025 година и поглавјата на ЕУ во процесот на пристапување во ЕУ, рече Ковачевски.
Тој нагласи дека анализирајќи ги политиките на ЕУ во рамките на Новата агенда за Медитеранот, во ноември минатата година земјава стана полноправна членка на Унијата за Медитеранот, што, како што оцени, претставува важен политички чин, насочен кон стимулирање на соработката и дијалогот во евро-медитеранскиот регион.
Ковачевски во обраќањето се осврна и на усогласувањето на македонската законска регулатива со легислативата на ЕУ, што е обврзувачко за вклопување во националното законодавство, истакнувајќи при тоа дека веќе се работи на измени и нова реулатива во неколку области.
– Министерството за економија веќе ја пренесе регулативата на шемата за сертификација на Кимберли процесот за меѓународната трговија со необработени дијаманти и во моментов подготвува два предлог-закони во областа на спречување на смртна казна и тортура и контрола на извозот на стоки со двојна употреба, рече Ковачевски, додавајќи дека се очекува двете законски решенија да стапат во сила до крајот на 2024 година.
Премиерот посочи и дека Министерството за надворешни работи во рамки на усогласувањето со хуманитарната политика на ЕУ, подготви Закон за меѓународна развојна соработка и хуманитарна помош во странство, кој треба да биде донесен до 2025 година.
– Овој закон предвидува многу важни чекори за изработка на методологија, стратегија и акциски план до 2030 година, потенцира премиерот Ковачевски.
Инаку, на последната сесија од скрининг процесот присуствуваат и вицепремиерот задолжен за европски прашања Бојан Маричиќ, како и претставници од Секретаријатот за европски прашања, министерствата за економија, за надворешни работи, за финансии и за животна средина и просторно планирање и на Царинската управа и Бирото за јавни набавки.
Со затворањето на овие две поглавја во текот на утрешниот ден и официјално завршува скрининг процесот, што започна на 15 септември минатата година и во чии рамки се одржаа објаснувачки и билатерални состаноци за сите 33 поглавја од преговарачкиот пакт, кои се поделени во шест кластери. Во овој период во Брисел беа одржани 850 презентации, на кои присуствува 206 различни институции од земјава и приближно 1000 учесници.
Оценка за успешност и навремена реализација на скрининг процесот даде и Европската комисија во годишниот Извештај за напредокот на земјава на европскиот пат, констатирајќи солидно ниво на усогласеност на нашето со европското законодавство.
По завршувањето на скрининг процесот следува изработката на патоказите, кои се наша обврска од Преговарачката рамка и се услов за отворање на првиот кластер. Станува збор за патокази за владеење на правото, за реформа на јавната администрација и за функционирањето на демократските институции, како и Акциски план за заштитата на припадниците на малцинствата и заедниците. Земјава веќе доби покана од ЕУ за изработка на патоказите за првиот кластер.