Осмо издание на Меѓународниот филмски фестивал за културни, духовни и хумани вредности „Богородичен Покров“ ќе се одржи од утре до 1 декември, со онлајн проекции на документарни филмови посветени на културното и духовното наследство и хуманоста, како и историски и биографски филмови.
Фестивалската програма ја сочинуваат македонски, романски, српски и руски филмови, а стартува со објава на интервју со почесниот претседател на Фестивалот, протојереј –ставрофор, проф. д-р Јован Таковски, кој се упокои годинава. Интервјуто досега не е објавено, посветено е на јавувањето на Пресвета Богородица во село Умлена каде што тој лично бил сведок, а ќе се емитува утре во 21 часот на линкот https://youtu.be/YAKAr6XJvwY .
По интервјуто следува свеченото отворање на фестивалот во 21.30 часот со документарно играниот филм посветен на Свети Јаков Тумански, на Coolture- Србија, ЛХС студио, Артпроект тим и УТС продукција, чиј продуцент е и Милан П. Кићевац.
На вториот ден од фестивалот ќе бидат прикажани портрет на Гордана Драгиќ, д-р по вибрациона медицина „Знаењето е здравје“ и рускиот документарен филм „Оган“ за Благодатниот оган од Ерусалим.
Дел од програмата се и документарните филмови „Приказни од Атос“, „Илјада години историја на Света Гора“ и „Хиландарскиот имот“ на Балкан трип продукција од Србија, што ќе се прикажат на 27 ноември. Следниот ден, на 28 ноември, на програмата се „Манастир Сурпателе“, документарен романски филм за историјата на манастирот, на ТВ Тринитас од Романија и „Ембрион на ренесансата“, документарен филм за фрескоживописот во државава, на Лавиринт, Македонија.
На 29 ноември ќе се емитуваат „Свети Јован Шангајски“, документарен руски филм, портрет на рускиот светител, на Неофит продукција, и „Мајка Храброст – Живот за Никола“, вистинска сторија за болна мајка која го жртвува својот живот за да се роди нејзиното дете Никола, продукција на РТС.
Ќе се емитува и документарниот филм за животот во манастирот Ботош во Романија „Св.апостоли Петар и Павле, Манастир Ботош“ на романски ТВ Тринитас, кој е на програмата на 30 ноември, а по повод националниот празник на Романија.
Фестивалот ќе заврши на 1 декември, во 21.00 часот со рускиот филм „Боже! Го чувствувам твоето доаѓање”, најнов документарен филм посветен на режисерот Андреј Тарковски, чие сценарио се состои од необјавениот негов дневник и интервјуа и е илустриран со неговите филмови.
„Богородичен покров“ е единствен фестивал од ваков жанр во државава, а се одржува со благослов на архиепископот Охридски и Македонски г.г. Стефан.
– Сите филмски проекции и програми се бесплатни. Мисијата на Фестивалот е да ги негува и шири духовните вредности меѓу луѓето и да се едуцираат младите генерации во насока на духовност, љубов, добрина, морал и пожртвуваност, велат за МИА од Топ Ворлд, продуциската куќа од Скопје, организатор на фестивалот.
Фестивалот е основан 2016. година и досега е поддржан од 12 амбасади во државава и бројни стопански субјекти. Основачи на фестивалот се покојниот Коле Јовановски, монтажер во МРТ и режисер на бројни духовни филмови и Зорица Костовска, основач и директор на Фестивалот, поранешен 10 – годишен член на Меѓународната Академија на Телевизиски Науки и Уметности во Њујорк – Еmmy Awards, ТВ и филмски продуцент, дипл. дипломат и дипл. теолог.
Од годинава, нов почесен претседател на Фестивалот е проф. д-р Ѓоко Ѓоргевски, професор на Богословски Факултет „Св.Климент Охридски” во Скопје, автор на многу дела и трудови од доменот на богословските науки и поранешен амбасадор на Северна Македонија во Ватикан.
МИА и годинава е меѓу медиумските покровители на фестивалот, заедно со Канал 5, ТВ Сител, МТВ, Алфа ТВ, ТВ Сонце, Вечер, Нова Македонија и Премин Портал.