Столтенберг : Корупцијата е крајно опасна, исклучително важна е борбата против неа на сите нивоа

Корупцијата е крајно опасна, ги поткопува демократските институции, ја подрива довербата во државата, а го отежнува и водењето бизнис. Затоа е исклучително важно да се бориме против корупцијата на сите нивоа, во секое време, вели генералниот секретар на НАТО Јенс Столтенбер во видео-интервју за МИА.

-Корупцијата е болест, корупцијата е крајно опасна, корупцијата ги поткопува демократските институции, корупцијата ја поткопува довербата во државата, а исто така го отежнува бизнисот. Значи, исклучително е важно да се бориме против корупцијата на сите нивоа, во секое време, и ја поздравувам посветеноста на премиерот. Имавме средба и тој ја повтори својата силна посветеност за борба против корупцијата, ова е исклучително важно. Секоја земја која страда од корупција тоа ја прави посиромашна, поранлива, затоа што сте ги ослабнале државните институции, па затоа е исклучително важна борбата против корупцијата, вели Столтенберг прашан за комнетар за ситуацијата со корупцијата во земјава и во регионот дали може да се каже дека таа придонесува за дестабилизација.

За тоа дали неговото обраќање во Собранието беше обид и да ги поттикне пратениците да ги усвојат уставните амандмани како услов за продолжување на патот на земјата кон ЕУ, Столтенберг се оградува од директен коментар, но порачува дека би било добро за целиот регион и за Северна Македонија да напредуваат на патот кон членство во ЕУ.

-Не е мое да навлегувам во тие конкретни прашања, бидејќи тие се поврзани и со вашиот процес кон членство во ЕУ, но мојата порака е дека членството во НАТО многу често го отвора патот за членство во ЕУ и тоа би било добро за целиот регион и за Северна Македонија да напредува на патот кон членство во ЕУ. Секако, за тоа ќе бидат потребни одредени одлуки од Северна Македонија, но не е на мене да навлегувам во конкретните предлози на хартијата, посочува Столтенберг.

Следува целосното интервју за МИА на генералниот секретар на НАТО Јенс Столтенберг со видео материјал, во кое тој зборува и за безбедносните предизвици во регионот, за ситуацијата во Украина и поддршката на Алијансата, но и за тестот пред кој е исправената најголемата воено-политичка организација, која следната година ќе одбележи 75 години од своето основање.

Г-не Столтенберг, каков е вашиот впечаток за земјата по пристапувањето во Алијансата?

-Северна Македонија е високо ценет НАТО сојузник. Северна Македонија придонесува за нашата заедничка безбедност и членството во НАТО е добро за Северна Македонија и добро е и за НАТО. Импресиониран сум од напредокот што го видов, видов и дека членството во НАТО овозможи повеќе инвестиции, повеќе странски инвестиции и повеќе работни места и повеќе раст. Затоа што кога имате безбедност загарантирана од НАТО, тогаш, се разбира, на приватните инвеститори им е полесно да инвестираат и да помогнат во промовирањето на економскиот раст во вашата земја. Mило ми е што гледам многу посветен НАТО сојузник во Северна Македонија.

Дали вашето вчерашно обраќање во Собранието беше обид да ги поттикнете пратениците да ги усвојат уставните амандмани?

-Не е мое да навлегувам во тие конкретни прашања, бидејќи тие се поврзани и со вашиот процес кон членство во ЕУ, но мојата порака е дека членството во НАТО многу често го отвора патот за членство во ЕУ и тоа би било добро за целиот регион и за Северна Македонија да напредува на патот кон членство во ЕУ. Секако, за тоа ќе бидат потребни одредени одлуки од Северна Македонија, но не е на мене да навлегувам во конкретните предлози на хартијата.

Можете ли да ја коментирате состојбата со корупцијата во земјата и во регионот, може ли да се каже дека корупцијата придонесува за дестабилизација на регионот?

-Корупцијата е болест, корупцијата е крајно опасна, корупцијата ги поткопува демократските институции, корупцијата ја поткопува довербата во државата, а исто така го отежнува бизнисот. Значи, исклучително е важно да се бориме против корупцијата на сите нивоа, во секое време, и ја поздравувам посветеноста на премиерот, имавме средба и тој ја повтори својата силна посветеност за борба против корупцијата, ова е исклучително важно. Секоја земја која страда од корупција тоа ја прави посиромашна, поранлива, затоа што сте ги ослабнале државните институции, па затоа е исклучително важна борбата против корупцијата.

Изјавивте дека не треба да стравуваме од воена закана од Русија против кој било сојузник на НАТО од регионот, истовремено додавајќи дека Москва ќе биде внимателно следена. Можеме ли да очекуваме дополнително засилување на присуството на НАТО во регионот и дали постои ризик од нови тензии во Косово?

-Мојата порака е дека не гледаме никаква непосредна воена закана против кој било сојузник на НАТО во овој регион или кој било друг сојузник на НАТО. Но, она што го гледаме е нестабилност во овој регион, особено зголемено насилство или сериозни насилни инциденти во Косово. Нестабилноста е зголемена и во Босна и Херцеговина, а дијалогот меѓу Белград и Приштина ризикува тотален застој. Затоа, треба да се фокусираме на тоа како можеме да помогнеме да се стабилизира нашето соседство. Затоа што, кога соседите на НАТО се постабилни, ние како НАТО сојузници, Северна Македонија и остатокот од Алијансата сме побезбедни. Ние веќе го зголемивме нашето присуство во Косово, со илјада војници. Се разбира, ние секогаш ќе проценуваме што е неопходно, но нашата цел е се разбира да не останеме со војници во Косово засекогаш, нашата цел е да помогнеме да се олесни, да се поддржи нормализацијата што ќе овозможи да се намали нашето присуство. Но, очигледно сега таму всушност има помала стабилност, или нестабилност, и затоа го зголемивме нашето присуство. Кога станува збор за заштита на сојузниците на НАТО, во повеќето сојузници на НАТО нема голем број распоредени војници на НАТО, но НАТО има способност брзо да зајакне, да распореди трупи и сили доколку е потребно и се разбира, ако видиме каква било директна закана против земјата-сојузник во НАТО, ние сме подготвени да распоредиме сили, но не гледаме таква закана против Северна Македонија или кој било друг сојузник на НАТО.

Изгледа дека војната меѓу Израел и Хамас го оттргна вниманието на светската јавност од војната во Украина. Дали постои закана од замор меѓу членките на НАТО во врска со поддршката на Киев или можно нарушување на единството на Алијансата околу ова прашање?

-Она што го видовте неодамна е дека сојузниците продолжуваат да обезбедуваат значителна воена поддршка за Украина. Изминатите неколку дена САД најавија нива голема дополнителна поддршка, повеќе муниција, повеќе системи за оружје. Германија пред само неколку дена имаше најава за голема помош, а најавија и други сојузници. Мислам дека постапките зборуваат погласно од зборовите, а постапките на сојузниците во НАТО, всушност продолжувањето да даваат конкретна воена поддршка за Украина е најдобрата порака до претседателот Путин дека нема да победи на бојното поле. Тој мора да прифати дека Украина ќе победи како суверена, независна нација и ако сака да преговара за мирно решавање на овој конфликт, на војната против Украина, најдобриот начин да се постигне тоа е да се убеди претседателот Путин дека нема да победи на бојното поле, бидејќи тогаш тој мора да седне и да се согласи на договор кој гарантира дека Украина ќе опстои како суверена, независна нација во Европа.

НАТО следната година ќе ја одбележи својата 75-годишнина. Кој ќе биде најголемиот тест за иднината на Алијансата?

-Најголемиот тест за НАТО е секогаш нашето единство, и сите тие 75 години бевме обединети околу нашата основна задача, да се заштитиме и браниме, еден за сите и сите за еден, и го обезбедивме ова единство и покрај разликите. Ние сме 31 различен сојузник, речиси 32 со Шведска, од двете страни на Атлантикот, и секако има разлики, не се согласуваме за сите прашања, но се согласуваме за суштинското прашање, да се заштитиме едни со други. А со тоа го зачувуваме мирот, бидејќи целта на НАТО не е да предизвика конфликт, туку да спречи конфликт со испраќање јасна и силна порака до секој потенцијален противник дека сме таму за да се заштитиме едни со други. Со тоа ние бараме мир и спречуваме војна. Ова е случај и на Западен Балкан. Западниот Балкан има суштинско значење за НАТО, тука имаме историја, тука имаме присуство, имаме одговорност да работиме со сојузниците и партнерите во регионот за да обезбедиме мир и стабилност, и токму тоа е она што го правиме и тоа е и главната порака за време на мојата турнеја во регионот и мојата главна порака овде во Скопје. И јас имам блиски односи со овој регион делумно затоа што ја имав привилегијата да бидам генерален секретар на НАТО кога Северна Македонија стана членка, а храброста и политичката визија, целото политичко раководство во Северна Македонија го овозможи тоа. Договорот од Преспа беше навистина државнички, тоа беше лидерство што ви овозможи да станете членка на НАТО, што е добро за Северна Македонија, за вашата безбедност, но и за вашата економија. Јас имам многу блиски односи со овој регион, бидејќи кога бев дете, татко ми работеше во Норвешката амбасада во Југославија, и многу патувавме во овој регион, а имам убави спомени од моите посети на Скопје во 1960-тите и 1970-тите, и одлично е што повторно сум тука.

Го предводите НАТО во најпредизвикувачкиот период на Алијансата. Најавивте дека нема да се кандидирате за трет мандат како генерален секретар. Кои се најважните лекции што би ги споделиле со вашиот наследник?

-Најважната лекција и најважната порака е дека НАТО мора да биде обединет и да ги држи Северна Америка и Европа заедно, јас не верувам само во Северна Америка или Америка, не верувам само во Европа. Верувам во Северна Америка и Европа заедно во НАТО, затоа што тогаш сме безбедни, тогаш можеме да се заштитиме едни со други. Не знам каква ќе биде следната криза, но знам дека што и да се случи, побезбедни сме кога сме заедно. Значи, единството е првата и најважна лекција. Втората лекција е дека треба да се менува со промените кои се случуваат во светот, НАТО мора да се промени. Токму тоа се случува од 2014 година, кога Русија нелегално го анектира Крим и навлезе во источен Донбас. Оттогаш, НАТО ја спроведе најголемата адаптација, промената на нашата Алијанса за една генерација. Така што промената и единството се двете главни задачи за секој лидер на НАТО. 

Посетата на генералниот секретар на НАТО, Столтенберг на земјава, инаку прва откако Северна Македонија стана членка на Алијансата, беше во рамки на неговата балканска турнеја. Столтенберг заедно со премиерот Димитар Ковачевски беа домаќини и на неформалниот состанок на НАТО лидерите од регионот.