ПРВИОТ ГЕРМАНСКИ АМБАСАДОР И АВТОР НА КНИГАТА„МАКЕДОНСКИОТ ЈАЗОЛ„
Либек, 16. ноември 2023
По повод 30 години од воспоставувањето на дипломатски односи меѓу Германија и Македонија во Либек се одржа комеморација во одбележување на 90 години од раѓањето на првиот германски амбасадор во Македонија д-р Ханс-Лотар Штепан. Тој беше доследен и посведочен пријател на Македонија и македонскиот народ и автор на книгата „Македонскиот јазол„.
Д-р Ханс-Лотар Штепан беше амбасадор во Македонија од 1993 до 1996 година и по завршувањето на неговиот мандат и пензионирањето, тој ја презеде улогата „амбасадор на добра волја„ и активно го промовираше македонскиот засебен идентитет, јазик, култура, историја и уметност.
Д-р Ханс-Лотар Штепан беше високо почитуван меѓу Македонците во дијаспората, нивни соработник и гласноговорник за македонската историска вистина.
Амбасадорот Штепан беше одликуван за заслуги од Македонската академија на науките и уметностите со медалот „Блаже Конески„, од македонскиот претседател со Медал за заслуги за Македонија, а добитник беше и на бројни други награди и признанија од македонски невладини здруженија, фондации и асоцијации од целиот свет.
Д-р Ханс-Лотар Штепан остави голем број почитувачи и следбеници на неговите истражувања за историјата на Македонија.
БИОГРАФИЈА:
Д-р Ханс-Лотар Штепан е роден на 16 ноември пред 90 години во Кувертсхоф, во мемелската област на Источна Прусија (денешна Литванија) како син на трговецот Јоханес Штепан и неговата сопруга Ема-Гертруд. По немилите настани во Втората светска војна и етничкото чистење на германското население од тие региони во 1944 година како бегалец судбината го носи најпрво во гратчето Марне, а потоа во Либек каде останува подолго и го комплетира своето образование. Апсолвира на Техничкиот факултет во Дармштат каде извесно време работи како асистент во Институтот за економска политика. Во 1965 година стапува во служба на Министерството за надворешни работи на Германија и работи како аташе во германските амбасади во Франција, Гвинеја, Финска и Југославија. Должноста амбасадор на Германија ја извршува во Катар, Чад и Македонија. По пензионирањето се посветува на македонското прашање и македонскиот оспорен идентитет и истражува во Политичкиот архив на германското министерство за надворешни работи. Врз основа на тие наоди во 2004 година го објавува капиталното дело „Македонскиот јазол„ на германски јазик и во годините потоа книгата доживува неколку изданија на македонски и англиски јазик. По кратко боледување д-р Ханс-Лотар Штепан почина во Бад Хонеф на 6. февруари 2011 година на 78-годишна возраст.
На комеморацијата за д-р Штепан говореа негови лични пријатели, колеги и соработници. Обраќањата беа со лично и виртуелно присуство.
На настанот говореа Жаклина Арент и Драги Богоевски од македонската заедница „Обединети Македонци„ и Ролф Мајер како домаќини на настанот,
Ѓорѓија Џорџ Атанасоски од Америка, Димитри Кирјаковски и Никола Боровски од македонската заедница од Чешка, академик Љупчо Коцарев, претседател на МАНУ, Илија Пенушлиски алтер его на Ханс-Лотар Штепан и Георги Гоце Дуртаноски кој ја промовираше биографијата на амбасадорот Штепан.
Македонскиот сликар Илија Пенушлиски, или како што Штепан го нарекуваше негово алтер его (втора половина) рече дека тој сеуште неможе да се прости од Штепан, тој за него е сеуште жив, бидејќи алтер егото не умира целосно и во еден момент сѐ додека другата половина сеуште живее.
„Македонија стана симбол на светската неправда, а таа неправда стана и негова неправда, рече Пенушлиски за својот пријател со кој првпат се запознаваат во Скопје пред 30 години.
„Кога беше прашање за Македонија, за неа секогаш важеа двојни аршини и тоа е дволичноста на големите сили спрема малите народи. Аманетот на Штепан беше истражувањата кои тој ги направи за Македонија да продолжат и понатаму, уште еднаш да бидат прегледани од историчарите и да бидат употребени за поблиско приопштување на вистината и за доброто на македонскиот народ.„ – подвлече Пенушлиски.
Македонскиот претседател д-р Ѓорге Иванов постхумно го одликува амбасадорот Штепан со Медал за заслуги за Македонија за „исклучителен придонес за унапредување на пријателските односи и соработка меѓу Германија и Македонија иза промовирање на вистината за Македонија и македонскиот народ.„
Претседателот Иванов исто така на Парискиот мировен форум во 2018 година во библиотеката на мирот во Париз ја донира токму книгата на Штепан „Македонскиот јазол„.
Претседателот на македонската заедница „Обединети Македонци„ Драги Богоевски истакна дека амбасадорот Штепан од себе изгради „бесмртен лик еднаков на оние од раниот просветителски период во Македонија и дека „правдата не смее да биде на страната на самоволието. Правдата е на ваша страна, на страната на македонскиот народ„, додека Жаклина Арент подвлече дека „неможе да се измери придонесот на Штепан за Македонците и македонската заедница во Германија. Горди сме што го познававме и што ја имавме таа среќа да работиме со него.„
Нашиот познат бизнисмен и еден од најголемите инвеститори и донатори во Македонија, Ѓорѓија Џорџ Атанасоски рече дека се чувствува „почестен да биде еден од говорниците за нашиот честит и докажан пријател на Македонија и македонскиот народ д-р Ханс-Лотар Штепан.
„Кога ги враќам сеќавањата за него, нашата прва средба беше во Охрид на една конференција во 1994 година, тогаш Ханс-Лотар Штепан беше уште амбасадор во Македонија. Ми остави многу пријатен и добар впечаток. Нашиот контакт продолжи и по завршувањето на неговиот мандат и по неговото враќање во Германија. Набргу потоа д-р Штепан стана и соработник на нашиот неделник „Македонско сонце„ кој тогаш излегуваше како печатено издание и во Германија имаше доста читатели. Неговите текстови беа одлично примени од македонската читателска публика и воглавно поврзани со неговите истражувања за историјата на Македонија и македонскиот народ на почетокот на 20 век.„
Димитри Кирјаковски рече: „Носиме само убави и инспиративни спомени од тој човек. Остануваме благодарни за сѐ што направи за нас Македонците.
Можеби тоа е една од причините што ние толку добро се разбиравме во однос на македонската историја бидејќи делевме иста судбина.
Ханс-Лотар најдобро разбираше што значи да бидеш прогонет и што значи да неможеш да го посетиш своето родно место. Тој беше роден во Источна Прусија која по Втората светска војна беше етнички исчистена и Германците без никаква вина засекогаш протерани од тие простори. Неговата животна приказна е идентична со мојата животна приказна и етничкото чистење на Македонците од Грција од Граѓанската војна во Грција (1946-1949).„
Никола Боровски, преведувач и македонски активист од Прага ја потенцира важноста на оставнината од Ханс-Лотар Штепан, поточно неговото дело „Македонскиот јазол„ кое сѐ почесто се наоѓа како цитиран извор во чешкиот јазичен простор и со тоа доаѓаме до заклучок дека таа книга ги надмина очекувањата кои можеби ги имал и самиот Штепан.Личните средби со Ханс-Лотар и начинот на кој тој општеше со нас остануваат во трајно сеќавање кај нас и од оваа временска дистанца ги сметам за безвременски.„
Академик Љупчо Коцарев, претседател на МАНУ упати упати срдечна поддршка до македонската заедница „Обединети Македонци„ во Германија како организатор на комеморацијата по повод 90 години од раѓањето на д-р Ханс-Лотар Штепан.
„Нема дилеми дека д-р Ханс-Лотар Штепан беше искрен при неговите настапи во име на македонскиот народ. Академската и интелектуална заедница во Македонија ја препозна големината на Штепан непосредно по издавањето на неговото капитално дело „Македонскиот јазол„ во 2005 година, и две години подоцна, во 2007 година му ја додели меѓународната награда „Блаже Конески„ за посебен придонес за меѓународна афирмација на историјата на македонскиот народ. Тој беше и останува еден од елитните интелектуалци на денешницата кои застанаа во одбрана на фундаменталното право на македонскиот народ – правото на постоење.„
Авторот на биографијата за д-р Ханс-Лотар Штепан, проф. Георги Гоце Дуртаноски истакна:
„ми беше чест што мене ми припадна обврската заедно со моите соработници да ја подготвиме оваа прекрасна публикација за еден од највозвишените ликови во последните 30 години од независноста на Македонија. Ова е една уникатна приказна за човекот кој војувајќи за нас стана наш. Ми причинуваше задоволство да работам на портретирање на неговиот лик.„
На комеморацијата настапи познатата виолинистка од Либек Хеда Винклер која врвно го изведе Јоханес Брамс, најомилениот германски композитор на Штепан и фрагмент од македонската композиција „1762 лето„ – исто така најомилена македонска песна на д-р Ханс-Лотар Штепан.
Покрај комеморацијата и полагање на венец на гробот на д-р Ханс-Лотар Штепан, во градот Либек се во тек и низа други активности поврзани со амбасадорот како посета на местото каде живеел и училиштето каде учел а поднесена е иницијатива до градот Либек една од улиците на градот го носи неговото име.