Северна Македонија домаќин на јубилејниот 20-ти Министерски состанок на САД-Јадранската повелба

Министерката за одбрана Славјанка Петровска заедно со помошничката на секретарот за одбрана на САД за меѓународни безбедносни работи, Селест Валандер, повеќе министри за одбрана и високи претставници од земјите членки на САД- Јадранската повелба и земјите – набљудувачи, денеска во Скопје на јубилејниот 20-ти Министерски состанок ќе разговараат на повеќе актуелни теми од областа на одбраната, како јакнење на регионалната соработка преку засилен одбранбен дијалог меѓу државите во регионот, заедничкиот придонес на земјите од А5 во мировни мисии и операции на НАТО, како и организирање на заеднички вежби и обуки.

Како што соопшти Министерството за одбрана, министрите се очекува да се согласат реализацијата на повеќегодишните проекти на Иницијативата да биде предводена од три држави, односно актуелниот претседавач, заедно со претходниот и идниот претседавач на оваа Иницијатива, со што значително ќе се зголеми ефикасноста во реализацијата на проектите во рамките на А5 Иницијативата.

На состанокот, најавено е учество и на министерот за одбрана на Албанија, Нико Пелеши, министерот за одбрана на Црна Гора, Драган Краповиќ, заменикот-министер за одбрана на Босна и Херцеговина, Славен Галиќ, раководителот за меѓународна безбедносна и одбранбена соработка во хрватското Министерство за одбрана, Игор Габриќ, а од земјите-набљудувачи  министерот за одбрана на Косово, Ејуп Маќедонци, државниот секретар во Министерство за одбрана на Србија, Немања Старовиќ и заменик-генералниот директор во Министерство за одбрана на Словенија, Аљоша Селан.

САД-Јадранската повелба е основана на 2 мај 2003 година во Тирана како Иницијатива за соработка во одбраната во А-3 контекст (Албанија, Хрватска, Северна Македонија). За време на македонското претседавање со Јадранската повелба, на маргините на 63-то Генерално Собрание на ОН, одржано на 25 септември 2008 година во Њујорк беше донесена одлука за упатување покана за членство на Црна Гора и Босна и Херцеговина во Јадранската група, како поттик за нивното забрзано движење по патот на евроатлантските интеграции.

Јадранската повелба е базирана на заедничката визија за стабилност во Југоисточна Европа и полноправно членство во евроатлантските интеграции. Албанија и Хрватска во 2008 година, Црна Гора во 2017 година и Северна Македонија во 2020 година, како резултат и напорите за развој и достигнување на НАТО стандардите, станаа рамноправни членки на НАТО Алијансата.

Во 2023 година со А-5 Иницијативата претседава Северна Македонија.