На маргините на министерската конференција „Проширена, посилна Унија” која се одржува во Берлин и е посветена на проширувањето на Европската Унија, министерот за надворешни работи Бујар Османи остварил повеќе билатерални средби. Како што соопшти МНР, шефот на дипломатијата имал одвоени средби со министрите за надворешни работи на Словенија и Црна Гора, Тања Фајон и Филип Ивановиќ, и со државната министерка за Европа и клима при Министерството за надворешни работи на Сојузна Република Германија, Ана Лирман.
На средбата со Фајон, Османи ја поздравил поддршката на Словенија за постепената интеграција на земјите кандидати во Европската Унија, односно концептот „Повеќе интеграција, пред членството” на негова иницијатива.
-Словенија е силен и отворен поддржувач на пристапниот пат за членство на Северна Македонија во ЕУ, како и на перспектива за членство за сите земји од Западен Балкан, нагласил Османи.
Неодамна потпишаната Заедничка декларација за зајакнување на соработката меѓу Северна Македонија и Словенија тој ја оценил „како многу добра платформа за натамошно интензивирање на билатералната соработка“.
Изразил и задоволство од отворањето на директната линија Скопје – Љубљана што „дополнително ќе придонесе за воведување нова динамика во економската, трговската, но и зголемувањето на обемот на туристичката размена“.
На средба со новоименуваниот министер за надворешни работи на Црна Гора, Ивановиќ, се разговарало за тековниот реформски курс на двете земји, целосната хармонизација со Заедничката надворешна и безбедносна политика и јасна посветеност членството во ЕУ да се реализира во што поскоро време.
-Ја делам убеденоста дека членството во ЕУ и пред 2030 година е сосема реално и можно, истакнал Османи.
Како што информира МНР, тој го информирал министерот Ивановиќ за процесот на уставни промени со кои треба да се внесат шест заедници во Уставот, меѓу кои и црногорската.
-Во фокус на средбата Османи – Лирман беше традиционалното партнерство меѓу Северна Македонија и Сојузна Германија, значајната соработка во рамки на НАТО, ОН и ОБСЕ, како и поддршката за европската интеграција на Северна Македонија, наведува МНР во соопштението.
Во текот на средбите со Фајон, Ивановиќ и Лирман се разговарало и за други актуелни прашања од надворешната политика.