Ковачевски – Басани: Рамката за соработка со Светска Банка е силна порака за Северна Македонија до меѓународните партнери и инвеститори

Рамката за соработка со Светска Банка е силна порака за Северна Македонија до меѓународните партнери и инвеститори, било истакнато на средбата во Тирана на премиерот Димитар Ковачевски со претседателка на Светска банка за Европа и Централна Азија, Антонела Басани.

Како што денеска соопшти владината прес-служба, покрај премиерот Ковачевски, на средбата што се одржа на маргините на Самитот на лидери на Берлински процес во Тирана, присуствувал и вицепремиерот за евроинтеграции Бојан Маричиќ.

-Соговорниците разговараа за тековните проекти и планови на среден рок на Северна Македонија, како и на земјите од регионот. На средбата беа разменети мислења за политичките и економските случувања во регион, како и предизвиците од геополитичките случувања во Европа и светот и како сето тоа влијае врз глобалната економија, се наведува во соопштението.

На состанокот, како што е посочено, се размениле мислења за проекциите за раст на земјите од регионот во текот на оваа година, како и проекциите за глобалната економска и финансиска стабилност.

-Партнерството со Светска банка и поддршката која ја добива Северна Македонија е од големо значање, Рамката за соработка е основа на граѓаните да им се овозможат подобри услови за живот, како и за инвестиции во подобрување на конкурентноста на приватниот сектор, инвестиции во инфраструктурата, развој на човечкиот потенцијал и зајакнување на менаџирањето со јавните финансии, се наведува во соопштението.
 
Со изработка на новата Рамка за партнерство на Република Северна Македонија со Светска банка, како што посочуваат од Владата, значително ќе се зголеми финансиската поддршка за земјава и ќе биде речиси двојно повисока од досегашната.

На средбата било оценето дека ваквиот вид на соработка претставува потврда на поддршката што доаѓа од сериозен партнер, а со тоа се испраќа силна порака до меѓународните партнери и инвеститори.

Соговорниците изразиле задоволство од долгогодишното патнерство, како и за развојните резултати постигнати во годините на соработка.