Претседателот Пендаровски ги прими акредитивите на новата амбасадорка на Куба

Претседателот Стево Пендаровски денеска ги прими акредитивните писма на новоименуваната амбасадорка на Република Куба во Република Северна Македонија, Мариета Гарсија Хордан.

На свечената церемонија на предавање на акредитивните писма, претседателот Пендаровски посочи дека нејзиното именување претставува уште една потврда на пријателските односи, но и за успешната развојна динамика на односите меѓу двете држави, како на билатерален, така и на мултилатерален план, соопшти кабинетот на шефот на државата.

Посакувајќи успех во извршувањето на одговорната функција, претседателот Пендаровски изрази очекување за натамошно континуираното зајакнување на односите и на соработката меѓу Северна Македонија и Куба.

– Најискрено верувам дека идниот развој на односите и соработката, меѓу нашите две држави, ќе претставуваат позитивен пример и предизвик за нивно постојано надоградување со нови содржини во конкретни области, а пред сè во областа на здравството, економијата, културата, туризмот и во останатите сфери од заемен интерес, истакна претседателот Пендаровски.

Амбасадорката Мариета Гарсија Хордан во обраќањето ја истакна целосната подготвеност и заложбите на Република Куба за натамошно зајакнување на севкупните билатерални односи меѓу двете земји, особено на политичкиот дијалог, соработката во областа на културата и образованието, како и за поттикнување на економската соработка.