Во Албанија денеска почнува пописот на населението и домаќинствата

Во Албанија денеска почнува една од најзначајните статистички операции, пописот на населението и домаќинствата, на кој за првпат дадените одговори попишувачите ќе ги внесуваат во електронски уреди- таблети.

Како што соопшти Институтот за статистика, ИНСТАТ,  навреме се преземени сите потребни подготовки и се очекува истиот да заврши во предвидениот рок од шест седмици.

– Оваа целосно техничка активност  ќе даде преглед на моменталната состојба на населението во Албанија, вклучувајќи ги социјалните, економските аспекти, демографските движења и многу други податоци, кои јасно ќе ни покажат како и каде живеат граѓаните на Албанија во 2023 година. Примете ги попишувачите и слободно по своја волја и убедување дадете реални одговори, порачаа од ИНСТАТ.

Додаваат дека пописот е најважната статистичка операција во државата, а врз основа на добиените податоци институциите ќе можат правилно да ги планираат интервенциите и услугите потребни за жителите.

– Кога попишувачите ќе тропнат на вашата врата, отворете ја и одговорете на поставените прашања. Имате право да видите дали точно е запишано она што сте го одговориле, порачуваат од Институтот.

И премиерот Еди Рама деновиве ги повика граѓаните, гарантирајќи дека пописот се спроведува според европските стандарди.

Повик слободно да се изјаснат за етничката и верска припадност и мајчин јазик, упатија до припадниците на малцинствата нивните друштва и здруженија, а до сите граѓани и муслиманската верска заедница, православната и католичката црква.

Пописниот формулар содржи 100 прашања а само за три, етничка и верска припадност и јазик, одговорот не е задолжителен.

Во оваа активност се вклучени над 7000 попишувачите и инструктори а пописот земјата ќе ја чини 6,4 милиони евра.

Ова е 12-ти по ред попис, од кога Албанија е прогласена за независна држава во 1912 година и се случува  100 години по првиот попис, спроведен  во 1923 година. Последниот попис во земјата беше во 2011 година. Планираниот, за 2021 беше одложен поради пандемијата со Ковид-19 а минатата година бидејќи „не биле обезбедени неопходните алатки за собирање информации на терен“.

Првичните резултати, според ИНСТАТ, ќе бидат објавени во јуни идната година.