Пред 32 години нашите граѓани решија да градат слободна, независна и суверена држава во која сите ќе бидат еднакви, а денес ние одлучно продолжуваме на тој пат, посилни и поинклузивни благодарение на Охридскиот рамковен договор и на договорите со Грција и Бугарија, кои ги зајакнаа нашите добрососедски односи, станавме рамноправна членка на НАТО, земја која преговара со ЕУ и е претседавач на ОБСЕ, порача министерот за надворешни работи во обраќањето на приемот по повод Денот на независноста на земјата, што во организација на нашите мисии при Алијансата и Унијата и Амбасадата во Белгија се одржа вечерва во Брисел.
– Направивме голем чекор во нашиот процес за членство во ЕУ минатата година, кога Европскиот совет ја донесе долгоочекуваната одлука за старт на преговорите, а една година подоцна го имаме првиот скрининг извештај за кластерот Основи и до крајот на годината ќе ја завршиме скрининг проверката, истакна Османи пред присутните гости и претставници на дипломатскиот кор, НАТО, ЕУ, белгиските власти и на македонската дијаспора на приемот.
Тој додаде дека паралелно со ова лидерите на ЕУ одговорија на нашиот повик за поголема интеграција пред членство во Унијата.
– Оваа идеја ја промовиравме пред една година и сега лидерите на ЕУ исто ја подржаа. Ние сме им благодарни за нивното лидерство и стратешка визија, рече Османи.
Тој потсети дека претседателот на Европскиот Совет, Шарл Мишел неодамна во Блед ја дефинира 2030-та како година за остварување на целите за членство и спроведување на внатрешните реформи.
– Немаме време за луксуз. Мораме да оствариме придобивки за граѓаните, бидејќи бавниот евроинтеграциски процес го поткопа европскиот кредибилитет во Северна Македонија. Нашите граѓани мора да видат придобивки од ингеренцијата пред нашето полноправно членство, истакна шефот на дипломатијата.
Тој додаде дека пред три години земјава стана полноправна членка на НАТО, како доказ на нејзиното споделување на евроатланските вредности и посветеност на евроатлантското семејство на нации, кои остануваат е водечки принцип во надворешната политика и претставуваат цврсто кохезивно прашање на нашата земја.
– Нашето членство во НАТО ја зајакна нашата безбедност и помогна за зацврстување на сигурноста во нашиот кревок регион. Руската илегална и неиспровоцирана агресија на Украина е силен доказ што ја покажува важноста на членството во НАТО. Затоа го поздравуваме зачленувањето на Финска и се надеваме дека наскоро и Шведска ќе ни се приклучи и остануваме посветени на политиката на отворени врати на НАТО, додаде Османи.
Тој нагласи дека земјава ги поддржува политичката независност, територијалниот интегритет и суверенитет на Украина, на која и пружа хуманитарна и суштинска воена помош и ќе продолжи да го прави тоа се додека биде потребно.
– Денес НАТО е по обединет и посилен од кога и да било, изразувајќи солидарност со сите сојузници. Трупи од Северна Македонија се дел од борбените сили на НАТО во Бугарија, Романија и Летонија, поддржувајќи ја колективната безбедност и обезбедувајќи стабилност за сите граѓани, додаде министерот за надворешни работи.
Османи нагласи дека мора да продолжиме со напорите за мир и стабилност во регионот на Западниот Балкан, кој е од стратешка важност за ЕУ и НАТО и е најдобар светол пример за трансформирачката моќ на Алијансата и Унијата кон мир, стабилност и демократија.
Тој потсети дека следната година се навршуваат 30 години од воспоставувањето на дипломатските односи меѓу земјава и Белгија, со која, како што рече, имаме силна комуникација и соработка што ја зајакна меѓусебната доверба и која беше силен поддржувач на нашите напори за членство во НАТО, ја поддржува нашата побрза интеграција во ЕУ и имаме можности за зајакнување на економската соработка.
Според него, во развојот на тие односи важна улога има и нашата дијаспора во Белгија, која како што нагласи, претставува човечки мост меѓу нашите две земји.
– Живееме во предизвикувачки времиња. Војната во Европа ги зголеми предизвиците. Северна Македонија го прави вистинскиот избор како кредибилен и активен партнер на меѓународната заедница, претседавач на ОБСЕ, членка на НАТО, со интеграцијата во ЕУ како примарна заложба на надворешната политика и преку промоција на културниот дијалог и компромис, истакна Османи во обраќањето на приемот.
Со присуството на приемот во својство на почесен гостин, министерот Османи ја заврши еднодневната работна посета на Брисел, во чии рамки се сретна со генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг и со политичките советници за надворешна политика во Кабинетот на претседателот на Советот на ЕУ, Симон Мордју и Маја Коцијанчич, а учествуваше и на брифингот во Центарот за европска политика на тема „Северна Македонија и ЕУ: Движење кон поголема интеграција?“.