Средби на претседателот Пендаровски со косовската претседателка Османи Садриу и со албанскиот претседател Бегај

Претседателот на државата Стево Пендаровски денеска оствари билатерални средби со претседателката на Република Косово, Вјоса Османи Садриу и со претседателот на Република Албанија, Бајрам Бегај, на маргините на одржувањето на состанокот на лидерите на земјите учеснички од Процесот Брдо-Бриони во Скопје.

На средбата со косовската претседателка Вјоса Османи Садриу, соопштија од кабинетот на Пендаровски, било изразено задоволство од нивото на билатералните односи меѓу двете држави кои се пријателски, динамични и засновани на меѓусебно почитување.

– Беше констатирано дека унапредувањето на добрососедските односи меѓу Северна Македонија и Косово ќе придонесе за напредокот, стабилноста и безбедноста на целиот регион. Соговорниците го реафирмираа интересот за продлабочување на соработката во сите области од заемен интерес, особено во економската и се заложија за активен придонес за да имаме инфраструктурно развиен и економски просперитетен регион, соопштија од кабинетот на Пендаровски.

На средбата со албанскиот претседател Бајрам Бегај било изразено задоволство од континуираниот политички дијалог и севкупниот развој на билатералните односи меѓу двете држави и било изразено очекување за јакнење на соработката во областите од заемен интерес.

– Беше посочено дека како сојузници во НАТО, двете држави се подготвени за збогатување на меѓусебната соработка, со цел на уште поактивен придонес за безбедноста во регионот и пошироко. Соговорниците разменија мислења и информации за европските интеграции на Северна Македонија и Албанија, при што оценија дека забрзувањето на овие процеси позитивно ќе се одрази врз целиот регион и е геостратешка инвестиција во стабилна и просперитетна Унија, соопштија од кабинетот на шефот на државта Пендаровски.