Лидерот на опозициската ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски одговарајќи на новинарското прашање кој е неговиот коментар во врска со најавените измени на Кривичниот законик со европско знаменце ја обвини владеачката коалиција за туркање на два члена од законот, а тоа се измени на законот за злоупотреба на службена положба и членот за злосторничко здружување.
-На шверцерски начин со злоупотреба на европско знаменце Владата на СДСМ и ДУИ ги носи измените во Кривичниот законик, генерално во два члена, а тоа се членот кој што го опфаќа делот за злоупотреба на службена положба и вториот член тоа е злосторничко здружување, рече Мицкоски.
Според него за да го овозможат тоа и како што кажа за да се прикрие криминалот на владата на СДСМ-ДУИ, владејачката коалиција сакала да му даде европско знаменце и да додаде некои други членови, кои не се суштински на овој закон.
Тој рече дека дури и да го носат законот со златно знаменце, а не со европско, секој што се огрешил пред законот, а за кој постојат докази, ќе одговара.
– Втората моја порака до нив е и со златно знаме да го донесат овој закон, има можности веднаш после падот на оваа криминална влада сите оние кои што сториле криминал, а за кои што постојат докази да одговараат и јас ви ветувам дека ќе одговараат, додава Мицкоски.
Инаку Владата предложи измени на Кривичниот законик по скратена постапка со кои меѓу другото се предвидува и намалување на затворските казни за злоупотребата на службената должност и овластувања.