Претседателот Стево Пендаровски денеска ги прими акредитивните писма на новоименуваниот амбасадор на Република Словенија во Репиблика Северна Македонија, Грегор Прескер.
Посакувајќи му добредојде во нашата земја на амбасадорот Прескер, претседателот Пендаровски го истакна задоволството од одличните билатерални односи и од успешната соработка меѓу двете пријателски земји кои се карактеризираат со перманентна меѓусебна поддршка и почитување, соопшти кабинетот на шефот на државата.
Претседателот Пендаровски, изразувајќи голема благодарност за јасната и безрезервна поддршка што Словенија ја дава за нашата европска перспектива, како и за споделување на искуствата со нас во овој процес, изрази уверување дека ќе продолжат со уште позасилен интензитет во периодот што претстои. Тој ја нагласи и подготвеноста за интензивирање на економската соработка и зголемување на трговската размена, како и посветеноста за збогатување на соработката во областа на безбедноста, одбраната, земјоделството, образованието и културата.
Претседателот Пендаровски рече дека македонското малцинство во Република Словенија и словенечкото малцинство во Република Северна Македонија, освен што се промотори на културното богатство и традиција на двете земји, претставуваат и мост за натамошно јакнење на македонско-словенечкото пријателство. Во тој контекст, Претседателот оцени дека сè поголемиот број на македонски студенти кои го уживаат словенечкото гостопримство уверува дека иднината на македонско-словенечкото пријателство е обезбедена.
На церемонијата на предавање на акредитивните писма, амбасадорот Прескер нагласи дека одличните меѓусебни односи меѓу двете земји беа потврдени и со тоа што Република Словенија е првата странска земја што отвори своја амбасада во нашата земја и што нашата држава ја отвори својата прва амбасада во Република Словенија.
Новоименуваниот словенечки амбасадор ја истакна успешната политичка соработка меѓу двете земји, економската, како и соработката во областа на одбраната, внатрешните работи, културата, науката, образованието како и во областа на спортот.
Амбасадорот Прескер нагласи дека за време на неговиот мандат ќе се залага за успешен напредок на Северна Македонија на нејзиниот пат кон ЕУ и дека Словенија сака Северна Македонија што поскоро да ги исполни сите неопходни услови за успешно продолжување на процесот на пристапување во ЕУ. Тој додаде и дека искрените, отворени и пријателски односи меѓу двете земји се потврдуваат и со брзата одлука на Северна Македонија да испрати војници во Словенија, кои несебично помагаа на словенечкиот народ по неодамнешните катастрофални поплави и изрази благодарност за солидарноста на нашата земја и пожртвуваноста на македонските војници во таа тешка ситуација.
Пендаровски на Прескер му посака успех во извршување на функцијата, информираат од кабинетот на претседателот.