Министерот за надворешни работи Бујар Османи денеска имаше обраќање пред Индискиот совет за меѓународни работи во Њу Делхи, за време на неговата официјалната посета на Индија при што се осврна на активностите на Северна Македонија во рамки на претседавањето со ОБСЕ во 2023, во сложените геополитички околности предизвикани од руската агресија врз Украина.
Како што соопшти МНР, Османи истакнал дека посетата на Индија доаѓа во време на големи глобални предизвици кои сериозно се закануваат на светската безбедносна архитектура.
-Имајќи предвид дека Северна Македонија и Индија во овој момент раководат со две многу важни меѓународни платформи – Северна Македонија со ОБСЕ, а Индија со Г20 верувам дека заедно можеме да обезбедиме подобро функционирање на овие процеси од кои на крај зависи и безбедноста на граѓаните, рече Османи, додавајќи дека војната на европско тло не ја погодува само Украина и нејзините граѓани, туку претставува опасност и за светската безбедност.
Воедно, министерот го истакнал активниот придонес на земјава за зачувување на трансатлантската стабилност во рамки на НАТО Алијансата.
-Покажавме дека сме кредибилен и сигурен сојузник, посветен на промовирање на регионалната стабилност и одржување на нашиот колективен мир и безбедност. Северна Македонија е фокусирана на зачувување на мирот и стабилноста на Западен Балкан. Ова беше и останува еден од главните надворешнополитички приоритети на земјата, рекол Османи.
Пред претставниците на дипломатскиот кор, владините институции, аналитичари и претставници од невладиниот сектор и тинк тенк заедницата кои присуствувале на Индискиот совет за меѓународни работи, Османи ги презентирал и другите приоритети на претседавањето на Северна Македонија со ОБСЕ.