Да се замрзнат цените на основните прехранбени производи

Да се замрзнат цените на основните прехранбени производи, бара Организацијата на потрошувачи (ОПМ).

Како што изјави денеска претседателката на ОПМ, Маријана Лончар Велкова, храната одзема голем дел од буџетот на секое семејство, а нејзиното поскапување оди исклучиво на товар на граѓаните (потрошувачите).

Според Лончар Велкова, Комисијата за заштита на конкуренција би требало да реагира за да види дали има некакво здружување на трговците по толкавото, како што истакна, „плафонирање“ на цените од нивна страна. 

-Знаеме дека замрзнувањето на цените е популистичка мерка и дека имаме пазарна економија, но во вакви ситуации не треба да се чека, треба да се излезе со точна проценка и да се преземат мерки зашто се оди на товар и на штета на потрошувачот. За основните намирници мислам дека не треба ни да се зборува. Поради високите цени, многу граѓани купуваат производи со помал квалитет или со помала нутритивна вредност, а пристапот до основните прехранбени производи е елементарно човеково право. Потрошувачот мора да има пристап до основните потрошувачки добра, особено храната – млеко, сирење, путер,…, нагласи Лончар Велкова, одговорајќи на новинарски прашања пред презентацијата на Прирачникот за енергетска сиромаштија во земјава. 

Бизнисот е против замрзнување на цените. Смета дека има други мерки со кои државата би можела да интервенира за да го ублажи ценовниот шок и во овој контекст предлага намалување на даноците или активирање на стоковните резерви. И министерот за економија Крешник Бектеши смета дека има други механизми, како што е, посочи вчера, утврдувањето маржи за одредени производи. Според него, во услови на неосновано неконтролирани зголемувања на цените, можеби е најдобро да се оди и поригорозно, дури и со забрана за вршење дејност на некои трговци. Но, сепак, какви мерки ќе се преземат, ќе зависи од анализите на надлежните институции.