Османи во официјална посета на Индија

Министерот за надворешни работи Бујар Османи денеска и утре ќе престојува во дводневна официјална посета на Република Индија.

Покрај средбaта со индискиот министер за надворешни работи Субраманјам Џаишанкар, Османи ќе се сретне и со потпретседателот на Индија Џагдип Данкар, со заменик советникот за национална безбедност на премиерот, Шри Викрам Мисри, како и со други високи државни претставници, соопшти македонското МНР.

Целта на посетата е унапредување на билатералните односи меѓу Северна Македонија и Индија, со посебен акцент на можностите за зајакнување на економската соработка и бизнис релациите. Воедно, ќе бидат разменети мислења за актуелните состојби во европскиот континент и Индо – Пацификот, надворешно – политичките приоритети на двете земји, како и актуелни меѓународни прашања и регионални теми.

За време на престојот во Индија, Османи ќе ја посети и Калкута, каде што ќе оддаде почит на животот и делото на Мајка Тереза. Во Калкута, Османи ќе се сретне со високи претставници на Западен Бенгал, како и со претседателката на Инвестицискиот Самит на Западен Бенгал, Вандана Јадав.