Ескобар: Северна Македонија се покажа како вистински пријател и сојузник на САД, сакаме таквото партнерство да го видиме и во ЕУ

Северна Македонија се покажа како вистински пријател и сојузник на САД. Како резултат на тоа и видот на партнерството што го имаме во Европа, сакаме да ве видиме и во ЕУ. Ние сме најентузијастични поддржувачи на тоа, вие кои веќе сте дел од трансатлантската заедница, да бидете формални членови на секој дел од таа заедница, а тоа ја вклучува и Европската Унија,  изјави заменик-помошникот државен секретар на САД и специјален претставник за Западен Балкан, Габриел Ескобар.

Во однос на проширувањето на ЕУ,  Ескобар посочи дека Западен Балкан е најнадежниот дел од Европа во моментов, со најбрз економски раст и со потенцијал да биде двигатели на растот на ЕУ.

–  Значи и требате на Европа и Америка има потреба од вас во Европа. Се надевам дека, како Ваш најблизок стратешки партнер и близок пријател, некој што директно имал корист од тоа партнерство, дека и Вие ќе имате корист од нашето партнерство, како што треба да направите тешки одлуки за посветла иднина, изјави Ескобар, на денешната прес-конференција со премиерот Димитар Ковачевски во Влада.

Ескобар, посочи дека на средбата со премиерот Ковачевски разговарале за повеќе работи, меѓу кои за проширувањето на Европската Унија, регионалната стабилност и европската безбедност.

– Во сето тоа, ние сметавме на Северна Македонија како вистински пријател и сојузник на САД. Во последните неколку години Северна Македонија им помогна на САД за Авганистан, Украина, како претседавач на ОБСЕ помогна да постигнеме историски договор за нормализација на односите меѓу Србија и Косово што ќе даде придонес за целиот регион. Не можевме да го сториме тоа без вас, навистина го ценам тоа. И сакам да нагласам, дека на секој чекор од нашите американски предизвици, ние сметавме на Северна Македонија и сакаме Северна Македонија да смета на нас при своите предизвици, изјави Ескобар.

Партнерството кое што го доживеавме и степенот на поддршка за заштита на вредностите и проширување на демократијата, Ескобар посочи дека очекува да го види и во ЕУ.

–  Северна Македонија постојано беше со нас. Како резултат на тоа и видот на партнерството што го имаме во Европа, сакаме да ве видиме и во ЕУ. Ние сме најентузијастични поддржувачи на тоа, вие кои веќе сте дел од трансатлантската заедница, да бидете формални членови на секој дел од таа заедница, а тоа ја вклучува и Европската Унија, изјави Ескобар.