Македонската партија во Албанија, МАЕИ в сабота ќе го одржи четвртиот Конгрес

Единствената македонска партија во Албанија, Македонска алијанса за европска интеграција, МАЕИ, во сабота, на 29 јули во Корча, под мотото “Македонците – нераскинлив дел од Албанија” ќе го одржи својот четврти конгрес.

– На Конгресот, кој ќе се одржи во Хотел Грант Палас, ќе бидат избрани новите органи и тела на партијата, претседател за наредниот четиригодишен период, Централен комитет и партиските комисии. Исто така, ќе биде усвоена Резолуција за унапредување на положбата, правата и слободите на Македонците во Република Албанија, информираа од партијата.

Според истиот извор, кандидатите за сите органи и тела, вклучувајќи и за лидер на партијата ќе бидат предложени на Конгресот.

На овој највисок партиски собир ќе учествуваат делегати од Мала Преспа, Корча, Билишта, Подградец, Тирана, Елбасан, Драч, Каваја, Кукс, Гора и од Голо Брдо.

– Покрај делегатите од сите делови на Албанија во кои живеат Македонци, на конгресот ќе присуствуваат и гости од Албанија, Македонија, Грција, Бугарија и Србија,  посочуваат од партијата.

МАЕИ во судскиот регистар во Тирана е запишана во јуни 2005 година. Нејзин актуелен претседател е Васил Стерјовски.