Сто милиони евра макрофинансиска поддршка за земјава денеска е одобрена од страна на ЕУ, која претставува поддршка на патот кон членство во ЕУ, поддршка за реформите и најзначајно поддршка на политиките во време на криза.
-Помошта од ЕУ претставува потврда на се она што го преземаме како политики откако претходно тоа беше потврдено и од меѓународните финансиски институции. Тоа се 100 милиони евра, со кои ЕУ го поддржува планот на земјата во справување со енергетската криза и реформите од евроинтеграцискиот процес, истакнува министерот за финансии Фатмир Бесими.
Тоа, како што додаде, е резултат на како што наведуваат од ЕУ силната посветеност што Владата ја покажа во спроведување на понатамошни реформи, фокусирајќи се на клучните области на политиките идентификувани во Заедничките заклучоци од економскиот и финансискиот дијалог меѓу ЕУ и земјите од Западниот Балкан и Турција од 24 мај 2022 година.
Предложената помош од ЕУ ќе се користи за покривање на финансиските потреби во текот на 2023 и 2024 година, поддржувајќи ја и фискалната одржливост и структурните реформи насочени кон фискалното управување, даночната политика, управувањето со јавните инвестиции, јавно-приватните партнерства, деловното окружување, транспарентноста во државната помош, енергетската ефикасност, реформите во судството, како и борбата против корупцијата.
Станува збор за средства од пакетот што ЕК го воспостави во време на корона-кризата. Земјава во 2020 и 2021 година користеше 160 милиони евра макрофинансиска поддршка од ЕУ за справување со економските последици од коронавирусот.