Новоформираниот парламентарен состав во Грција положи свечена заклетва

Во присуство на претседателката на Грција, Катерина Сакеларопулу, на премиерот Кирјакос Мицотакис и министрите од Владата, поглаварот на Грчката православна црква, архиепископот Јеронимос ја освети првата седница на новиот парламентарниот состав, по што следеше и свечената заклетва на новите 300 пратеници избрани на минатонеделните избори, јави дописничката на МИА од Атина.

Мнозинството пратеници положија религиозна заклетва, дел одбраа граѓанска, а пратениците муслимани положија заклетва пред Куранот.

Новиот парламентарен го сочинуваат пратеници од осум партии кои на минатонеделните избори го преминаа прагот од три отсто за влез во Парламентот.

Нова демократија има 158 пратеници, СИРИЗА 47 пратеници , ПАСОК доби 32 пратенички места, Комунистичка партија 21, Спартанци и Грчко решение по 12 пратеници,  Победа десет, а Курс на слободата осум пратеници.

Утре ќе се одржи нова седница за избор на претседател и потпретседатели на Парламентот.

Нова демократија повторно ќе го предложи Константинос Тасулас за претседател на Парламент, со што, доколку биде изгласан, ќе биде негов втор мандат.

Првпат во Парламентот влегуваат три нови партии: Курс на слободата на поранешната претседателка на Парламентот од редовите на СИРИЗА, Зои Константопулу, десничарска Победа од Солун и радикално десничарската Спартанци, поддржана од осудениот поранешен пратеник од Златна зора Илиас Касидиарис.

Претходниот парламентарен состав од изборите во 2019 година го сочинуваа шест партии, од кои сега, само МЕРА25 на поранешниот министер од Владата на СИРИЗА Јанис Варуфакис, не успеа повторно да обезбеди пратенички места.

Грција веќе доби Влада, по втор пар предводена од лидерот на Нова демократија Кирјакос Мицотакис.

Министрите во вторникот положија свечена заклетва, ги презедоа функциите, а во средата беше одржана и првата владина седница.

На крајот на следнава недела, веројатно од четврток до сабота ќе се одржи тридневната расправа во Парламентот за гласање доверба на Владата.