Прва јавна расправа за предлогот за рестартирање на Музичката продукција на МРТ

Министерството за култура денеска организираше прва  јавна расправа за рестартирање и ревитализација на Музичката продукција на Македонската радиотелевизија, иницијатива на неколку музички уметници доставена и прифатена од Владата на РМ.  Предлагачи се Кире Костов, Будимка Имери, Љупчо Мирковски, Живојин Глишиќ и Славе Димитров.

Универзитетскиот професор Глишиќ се наврати на значењето на МРТ во однос на музичката продукција во минатото, како и на аспектите на нивниот предлог за реактивирање и организирање на Музичката продукција на МРТ што, меѓу другото, подразбира и обнова на оркестрите што постоеле порано. Според него, Музичката продукција на МРТ го диктирала критериумот за промоција на македонската музика, а дека сега во целото опкружување Македонија има најниски стандарди во однос на презентација на музичкото творештво.

Денешните млади музичари работат во приватни студија, на иницијатива на автори кои, смета Глишиќ, тоа главно го изведуваат на аматерски начин. Дојдоа генерации,  рече тој, што не знаат за некогашната Музичка продукција на МРТ и кои не успеале да ги слушнат вредностите направени додека таа постоела.

– За жал, таа е неоправдано укината, а со тоа се направени огромни штети – непостоење развој на музичкиот кадар и на творештвото во сите жанрови. Музичката продукција падна на многу ниско ниво. Фигурира некако, но не е во ситуација да го продуцира сето она што е потребно да ги задоволи критериумите – не само во популарната и традиционалната музика. Сме изгубиле контакт со творештвото од областа на џезот, сериозната музика, детската песна. Сите тие елементи се многу значајни за музичката култура и културата воопшто во државата, истакна  Глишиќ на јавната расправа на која присуствуваа автори и музички продуценти, композитори, претставници од музичките здруженија, од МРТВ, АВМУ и од МИОА.

Советничката за култура на премиерот Зоран Заев, Цветанка Ласкова, рече дека во фокусот се авторите и валоризирањето на нивнот труд. Посочи дека Владата ќе го стимулира создавањето творештво со врвен уметнички квалитет.

– Идејата за повторно активирање на Музичката продукција на МРТ е прифатена без никакво двоумење. Таа треба да претставува важен дел од музичката култура и дел од националните стратешки пристапи во зачувување, поттикнување и производство на нови музички содржини од домашни автори и различни музички жанрови.. Досегашниот модел во МРТ покажа многу грешки и беше злоупотребувн за купување политичка послушност на уметниците и замре продукцијата која ни создаваше трајни вредности, истакна Ласкова, додавајќи дека  Музичката продукција може и мора да ја продолжи својата улога од минатото.

Министерот за култура Роберт Алаѓозовски смета дека со иницијативата ќе се подигне  квалитетот на композициите и дека рестартирањето ќе резултира со развој и одржливост на домашната музичка продукција и подобра меѓународна промоција. Посочи и на мерките што во оваа насока се предвидени во петгодишната Стратегија за културен развој која е во собраниска процедура.

– Ќе се отвори простор и транспарентни процедури за создавање нови, крупни музички дела, како и за претставување на нашите најистакнати уметници и ансамбли. Досегашниот модел во  МРТ на финансирање песни преку Законот за поддршка на домашната музичка продукција покажа многу грешки и беше злоупотребен, па наместо да се поттикне, продукцијата сериозно се ослаби. Ние сакаме квалитетна музика, која ја негува нашата музичка традиција, но и нови форми на современиот музички звук. Сакаме тоа што се произведува да биде спакувано квалитетно  и да биде производ кој ќе ја шири поуспешно приказната за уникатните вредности на ова музичко поднебје, рече Алаѓозовски.

Покрај  јавните расправи на кои треба да се слушнат мислењата на засегнатите страни, за конкретни предлози и законски измени поврзани со музичката продукција на ЈП МРТ ќе биде формирана интерресорска работна група.