Во текот на вечерашниот редовен состанок на Извршниот Комитет на ВМРО-ДПМНЕ беше разговарано за актуелни општетсвени, политички и економски теми.
Општиот став изнесен на состанокот беше дека во Република Македонија постои отсуство на демократски капацитет на власта, што особено беше видливо во текот на насилното и неделовничко изгласување на Законот за јазици за чија неуставност и незаконитост преупредуваше ВМРО-ДПМНЕ и експертската јавност. Ова насилничко и недемократско однесување на власта предизвика револт во јавноста која е згрозена од антидржавните политики на СДСМ.
Веќе подолг период Власта предводена од СДСМ покажува дека нема волја да обезбеди демократски амбиент за заедничка работа на сите општествено политички чинители во правец на забрзани реформи, туку се обидува преку политички монтирани судски процеси, притвори и заплашување да обезбеди непречено спроведување на тесно партиските и коалициски интереси.
Во поглед на економската состојба во Република Македонија беше истакнато дека амбиентот за бизнис и економијата се движат во надолна насока, стопанството се соочува со се поголеми и потешки предизвици, а поради интензивното растење на трошоците за живот и цените во малопродажбата стандардот на граѓаните се намалува наместо да расте. За жал не е видлив сеуште концепт на Владата предводена од СДСМ да продолжи да носи странски инвеститори кои се клучни за решавање на основното барање на граѓаните, отворањето на нови работни места.
На состанокот на ИК на ВМРО – ДПМНЕ беа разгледани и кадровски прашања, при што се донесе одлука ИК како резултат на финализирањето на постапката за избор на Претседател на УМС на ВМРО-ДПМНЕ, на Централниот Комитет да му го предложи кандидатот Лука Кржаловски како предлог за избор за Претседател на Унијата на Млади Сили. Кандидатот Лука Кржаловски е досегашен Претседател на Градскиот Комитет Скопје на УМС на ВМРО-ДПМНЕ и член на ИK на УМС на ВМРО-ДПМНЕ.